Нацевска: Финтек-компаниите се заинтересирани за развивање и понуда на нови услуги во платежната сфера – се работи на регулативата

56

Преку Портата за иновации на Народната банка согледуваме дека финтек-компаниите се заинтересирани за развивање и понуда на нови услуги во платежната сфера. Тие може да го олеснат управувањето со паричните средства на компаниите, коишто се водат на платежни сметки кај повеќе даватели на платежни услуги, преку следење во реално време на состојбата и извршените трансакции. За таа цел, ќе требно да се воведе концептот на т.н. „отворено банкарство”, којшто подразбира воспоставување стандарди за отворена и сигурна комуникација. Народната банка работи на изготвувањето соодветен подзаконски акт со кој ќе се пропишат стандардите за отворена и сигурна комуникација, усогласен со стандардите коишто се применуваат во Европската Унија.  

Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, на панел-дискусијата „Долгорочни можности: Економски и правни аспекти на регулативата за инвеститорите во РСМ”, на виртуелниот национален настан во рамките на Светската недела на инвеститорите т.н. бизнис-ангели, којшто се одржа вчера, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангелите.

Нацевска меѓу другото се осврна на придобивките од залагањата на финтек-компаниите за олеснување на плаќањата и преносот на средства, преку понуда на иновативни решенија за дигитализација на платежните услуги.

– Со користењето на иновативните решенија на финтек-компаниите, во иднина граѓаните ќе можат полесно да иницираат плаќања од своите платежни сметки коишто ги одржуваат кај банките или кај други даватели на платежни услуги, како и да добијат прегледни и корисни збирни и аналитички информации за своето потрошувачко однесување, во однос на извршените плаќања во одреден временски период преку своите платежни сметки кај различни даватели на платежни услуги, истакна вицегувернерката Нацевска.

Таа  се осврна и на преземените активности за зголемување на транспарентноста и надоместоците коишто ги плаќаат граѓаните за извршените платежни услуги.

– Во изминатиот период направивме анкета на банките за честотата на користењето на платежните услуги и висината на надоместоците. Врз основа на резултатите од анкетата, работиме на избирање на најчесто користените услуги за кои ќе обезбедиме стандардизирани термини и дефиниции. Потоа, давателите на платежни услуги ќе треба да ги користат овие термини и дефиниции во своите тарифници. Исто така, давателите ќе доставуваат податоци до Народната банка за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги, коишто Народната банка редовно ќе ги објавува на својата интернет-страница, со цел потрошувачите да имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците на платежни услуги, посочи вицегувернерката.

Резултатите од истражувањето на Народната банка, коешто го презентира и Нацевска, потврдуваат дека финтек-секторот може да обезбеди поголеми можности и подобри услуги за потрошувачите и малите бизниси и може да придонесе за усогласување на финансискиот систем со најдобрите меѓународни практики.

Во своето излагање, вицегувернерката, потсети и дека Народната банка, во соработка со Министерството за финансии, работи на нова регулативна рамка во платежната сфера со експертска поддршка од Европската Унија. Новата регулативна рамка ќе придонесе за побрз развој на финтек-секторот во земјата.