Фото: Pexels
За да започнете со сопствен бизнис неопходна е добра идеја, но и финансиски средства за реализација на идејата. Финансиските ресурси се неопходни за почетно финансирање на бизнисот, развој на тимот, производот или услугата што ќе се нуди, маркетинг, набавка на опрема, суровини, обврски кон државата и низа други трошоци.
Но, финансиите се неопходни и за одржување на непрекинат тек на бизнис активностите со сите фази на развој на претпријатието. При избор на изворите на финансирање, сопствениците мора да бидат исклучително претпазливи, да ги имаат предвид сите фактори и трошоци и умешно да ја направат идеалната комбинација на евтини и достапни финансии за “хранење“ на бизнисот и обезбедување натамошен раст и развој.
Финансирање од сопствени извори на средства
Доколку сопственикот на бизнисот има доволно финансиски средства коишто произлегуваат од неговиот личен капитал, во тој случај нема да има главоболки поврзани со тоа како ќе ги исплаќа обврските што му достасуваат. Но, ретко се случува претприемачот да има толкав имот и готовина на располагање, па да може целосно да ги вложи во својот бизнис. Од таа причина, се бараат различни алтернативни или институционални начини на финансирање на некоја деловна активност.
Финансирање преку сопственост над капиталот
Овој вид на финансирање подразбира процес на прибирање на финансиски средства преку продажба на акции или удели во некоја компанија на инвеститори коишто стекнуваат управувачки удел и права во таа компанија. Овој модел на финансирање не е адекватен за сите правни форми на компании. Овие инвеститори дел од ризикот што би го генерирала компанијата го преземаат на себе, вложувајќи во нивните акции.
Финансирање преку долг
Еден од најчестите начин на финансирање на компаниите во светот е преку задолжување. Овој вид на финансирање влегува во групата на конвенционални извори, каде што компанијата ги финансира своите тековни активности преку обврски кон добавувачите (одложено плаќање) или преку кредит од банки.
Обврските кон добавувачите најчесто претставуваат краткорочен извор на финансирање. Практично, кога компанијата набавува суровини или репроматеријали најчесто има рок од 15 до 30 дена за плаќање на износот. Во тој предвиден рок, компанијата може да ги вложи тие средства за друга намена и да ги оплоди, но треба посебна внимателност и почитување на роковите за наплата.
Финансирање преку банкарски кредити
Комерцијалните банки нудат најразлични видови на кредити за финансирање на бизнисите. Тие нудат кредити за инвестиции во основни или тековни средства, преку кои што бизнисот може да обезбеди пари за купување на деловен простор, опрема, машини или пак суровини, репроматеријали, финансии за исплата на плати на вработените…