Национален регистар на вистински сопственици – алка за борба против перење пари

110

Заменикот на Претседателот на Владата, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со заменик-амбасадорот на  Сојузна Република Греманија, Ото Граф, директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски и директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, денеска го промовираа новиот Национален регистар за вистински сопственици.

Регистарот претставува најсовремено технолошко решение, со бројни контроли и силен фокус на позитивното корисничко искуство и со него во периодот што следува, институциите во државата добиваат уште една квалитетна алатка во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам. Вицепремиерот Николовски посочи дека целта на регистарот е да навлезе длабоко во сопственичката структура на правните субјекти за транспарентно  да објави кој е тој што реално профитира од работата на компаниите во нашата земја, скриен зад комплексна слоевита правна структура.

“Доколку органите на истрагата и на прогонот немаат можност за јасна идентификација на сторителите на кривични дела, тие остануваат немоќни во процесот на нивното гонење и изведување пред правдата, што придонесува овие криминални шеми дополнително да се продлабочуваат. Токму во овој контекст, една од главните алатки за справување со овој ризик е овозможување на транспарентност на ниво на вистински сопственици на правните лица. Тоа подразбира идентификување на физичките лица кои директно или индиректно остваруваат управувачка или контролна улога во едно правно лице, односно на било каков начин имаат крајно и ефективно влијание во работењето и управувањето на истото“, изјави вицепремиерот Николовски.

Подготовката на новиот Национален регистар е со експертска и финансиска поддршка од канцеларијата на Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ. Заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, посочи дека со овој вид на регистар Северна Македонија има преземено храбар чекор напред во еден многу значаен момент и се приклучува на напорите во глобалната борба против криминалот и недозволени финансиски текови.

“Европската унија утврди дека регистарот на вистински сопственци е од многу големо значење и поради тоа од јануари 2020 година го направи да биде задолжителен за сите земји членки на ЕУ. Затоа сега треба, да се воспостават вакви структури и во Северна Македонија. Германија ја гледа Северна Македонија како идна членка на Европската унија“, изјави заменик-амбасадорот на Германија, Граф.

Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски посочи дека обврска на секое овластено лице на правен субјект во државата е да го утврди и да го верификува својот вистинскиот сопственик или сопственици, согласно Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и истите електронски да ги евидентира во регистарот на вистински сопственици.

“Воспоставувањето на Националниот регистар за вистински сопственици ќе даде дополнителен квалитет во однос на транспарентноста на домашниот пазар но, e и алатка во борбата со перење на пари и финансирање на тероризам.Регистарот има за цел евидентирање и обезбедување точни и ажурни податоци за вистинските сопственици на правните субјекти. Регистарот претставува најсовремено технолошко решение, со бројни логички контроли и силен фокус на позитивното корисничко искуство. Подносителите на располагање ќе имаат детални кориснички видео и текстуални упатства и тим за техничка поддршка преку Центарот за помош и поддршка на корисници на Централниот регистар“, изјави директорката Бошковска Јанковски.

Директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, изјави дека е важно да се има сеопфатен, точен и ажурен Регистар на вистински сопственици кој е изработен согласно барањата на меѓународните стандарди.

“Важноста дека имаме точен регистар согласно меѓународните стандарди беше водилка за подготовката на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и еден поттик за воведување на законски мерки за вистинитоста на регистарот. За таквите мерки предвидени во законот ќе ни помогнат субјектите кои се правни дејства и кои применуваат мерки дејствија за спречување перење пари, како што се банките и сметководителите и останатите субјекти кои имаат воспоставено континуиран деловен однос со нивните клиенти правни лица“, изјави директорот Трендафилов.

Постоечките субјекти имаат рок од 90 дена да ги внесат потребните податоци, а потоа секоја промена на структурата на вистинските сопственици се пријавува во рок од осум дена. Новооснованите субјекти ќе имаат рок од осум дена од основањето да ги запишат вистинските сопственици. Уписите извршени во законските рокови се бесплатни.

Пријавата може да ја поднесе застапникот по закон на субјектот но, за тоа може да овласти и регистрационен агент односно кое било друго лице кое има електронски потпис. Рокот од 90 дена за пријавување на вистинскиот сопственик почнува да тече од денеска (27.01.2021 година) и сите правни субјекти кои се обврзани треба да поднесат пријава во Регистарот, со цел да ја исполнат оваа законска обврска.

Фото: Freepik