Фото: Pixabay
Најголем број продавници во трговијата на мало има во Скопскиот регион, односно 31,3 %од вкупниот број продавници, а најмал број продавници има Источниот регион (8,4%), покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Прометот во трговијата на мало по групи производи во 2017 година изнесува 267.327.856.000 денари. Во рамките на одделот Трговија на мало, освен моторни возила и моторцикли, во кој се реализирани 95,1% од прометот во вкупната трговија на мало, најголемо учество (14,6%) има прометот од продажба на автомобилски горива, потоа следат прометот од продажбата на фармацевтски производи (лекови: фармацевтски производи и препарати – витамини, антибиотици, серуми и вакцини – само за човечка употреба) со 6,3%, млечни производи (4,6%), други прехранбени производи, неспоменати на друго место (4,5%), останата трговија во неспецијализирани продавници (4,2%) и прометот од алкохолни пијалаци (4%).
Прометот од одделот Моторни возила, мотоцикли, резервни делови учествува со 4,9% во вкупниот промет во трговијата на мало, во кој најголем промет е реализиран од продажбата на делови и прибор на моторни возила во специјализирани продавници (43,2%) и од продажбата на моторни возила (нови) во специјализирани продавници (42,7%).
Прометот во трговијата на мало според региони е најмногу реализиран во Скопскиот регион (54,9%), додека најмал промет во трговијата на мало е реализиран во Југоисточниот регион (5,2%).
Прометот во трговијата на големо во земјата по групи производи во 2017 година изнесува 408.433.755.000 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во рамки на одделот Трговија на големо, освен моторни возила и моторцикли, во кој се реализирани 95,5% од прометот во вкупната трговија на големо, најголемо учество (20,9%) има прометот остварен од продажбата на цврсти, течни и гасовити горива и сродни производи (огревно дрво, камен јаглен, дрвен јаглен, лигнит, моторен бензин, керозин, гасни масла, масла за ложење), потоа следи прометот од продажба на фармацевтски производи (11,5%) и прометот од продажба на шеќер, чоколада и кондиторски производи (11,2%). Прометот од производите од тутун, месото и производите од месо, млечните производи, јајцата, мастите и маслата за јадење, пијалаците и овошјето и зеленчукот заедно учествуваат со 25,1% во вкупниот промет во трговијата на големо, освен моторни возила и моторцикли.
Прометот од одделот Трговија со моторни возила учествува со 4,5% во вкупниот промет во трговијата на големо, а во рамки на овој оддел прометот од автомобили и моторни возила (нови и употребувани) од лесна категорија учествува со 49,9% и прометот од продажба на делови и прибор за моторни возила (гуми, делови и прибор) учествува со 42,5%.