Над 400.000 граѓани на Република Македонија нарачале/купиле онлајн

56

За развој на е – трговијата потребен е холистички пристап и партнерски однос помеѓу бизнисите, банките, владата и корисниците. Во 2017 година се формираше Асоцијацијата за е – трговија на Македонија токму за поврзување на сите засегнати страни со цел соработка за раст и развој на е – трговијата. Објавените резултати за 2018 година од страна на Државниот завод за статистика се охрабрувачки и можат да дадат мотивација за понатамошни активности и работа за постигнување поголеми резулатати.

Спроведената анкета во првото тримесечје на 2018 година во Република Македонија во која испитаниците се изјаснуваат за направените онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува раст на онлајн трговијата. Во овој период нарачале/купиле онлајн 31,6% како процент од интернет корисниците, спрема 19,5% истиот период минатата година што претставува пораст од 62%. Тоа значи дека 406.000 Македонци нарачале/купиле онлајн во последните 12 месеци.

Што купувале најмногу?

Македонците како и во минатата година, најмногу купувале облека и спортска опрема, но структурно со помало учество од минатата година. На сметка на тоа повеќе купувале производи за домаќинство, храна и друго.

Од каде купувале најмногу?

Она што е особено значајно за е – трговците од Македонија е дека за разлика од минатата година (31,7%),  Македонците најмногу онлајн купувале од продавачи од земјата (52,3%). Ако во минатото доминантна онлајн трговија била кај продавачите од другиот дел на светот, најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека Македонците доминантно онлајн тргувале од домашните е-трговци, што е особено за поздравување.