Над 58.300 компании лани “завртеле“ промет од 1,3 милијарди денари

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во 2019 година 58.318 пазарноориентирани деловни субјекти активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности оствариле вкупен промет од 1.372.299 милиони денари и додадена вредност од 297.460 милиони денари. За ангажираните 397.067 вработени лица, издвоени биле 147.301 милиони денари.

Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 40,8%, а по него следат секторот Преработувачка индустрија со 28,6%, Градежништво со 6,7%, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 6,6% и секторот Транспорт и складирање со 5,8%.

Секторот на преработувачка индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 27,6%, следен од секторот Трговија на големо и на мало со 24%. Значително учество во додадената вредност има секторот Градежништво (9,8%), додека подеднакво учество од 8% имаат секторите Транспорт и складирање и Информации и комуникации.

Во однос на големината на претпријатијата, доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90,5%), најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 31,3% од вкупно вработените, тие создале 20,9% од вкупната додадена вредност.

Големите претпријатија со учество од само 0,3% и со ангажирани 26,3% од вработените создаваат 34,2% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор, и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (14,1%). Сепак, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија (со 10 до 249 вработени), кои ангажираа 42,3% од вработените и создадоа 44,9% од вкупната додадена вредност во деловниот сектор.

Фото: Freepik