Над 72.000 парчиња запленета стока ќе се донира за сиромашните семејства

20

obleka Над 72.000 парчиња разновидна стока која Царината ја одзела на граничните премини ќе им биде донирана на социјално загрозени граѓани.
Царинската управа и ја предала стоката на Агенцијата за управување со одземен имот која, пак, ја отстапи на Министерството за труд и социјална политика.
Башким Амети, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, информираше дека се работи за околу 3.000 парчиња текстил, околу 2.500 обувки и други видови стока, како прибор и апарати за домаќинство, играчки и други предмети, кои граѓаните ќе може да ги добиваат до 10 јануари 2014.
Диме Спасов, министерот за труд и социјална политика, соопшти дека центрите за социјална работа се обврзани да ги извесатат граѓаните во социјален ризик да поднесат барање за добивање помош од запленетата стока, земајќи ги предвид идентификациските податоци за членови на домаќинството или семејството, бројот на членови и податоци за условите на живеење.
“За бесплатно распределената и отстапена стока ќе се води точна евиденција која центрите за социјална работа ќе ја доставуваат до Министерството, каде ќе се содржат податоци за крајните корисници и количината и основот по кој е направена распределбата. Очекувам донација од запленетата стока да примат околу 10.000 семејства во Македонија”, соопшти Спасов.
Првпат во оваа акција фалсификувани брендови облека и обувки се донираат наместо да се уништуваат, откако претходно е отстранет лажниот знак на производителот.
Ванчо Каргов, директорот на Царинската управа додаде дека тоа се должи на направените измени на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост и обезбедената согласност од претставниците чии трговски марки биле злоупотребени, а некои компании бесплатно учествувале во бришењето на брендовите на фалсификуваните производи. Со законот не се опфатени други видови фалсификувани брендови, туку само облека и обувки кои може да им бидат од корист на посиромашни лица.
“Се работи за околу 2.500 парчиња спортски обувки, а другото е текстил. Друг вид стока засега законот не предвидува да биде предмет на отстапување доколку се работи за фалсификувана стока. Сите овие производи ги имаат поминато сите правни аспекти и се обезбедени документи од надлежните органи дека се безбедни и здрави за употреба”, објасни Каргов.