Над шест милијарди денари добивка на котираните компании за пола година

37

Од вкупно 101 котирана компанија на Македонска берза, 73 компании од различни сектори (индустрија, банкарство, угостителство, трговија, услуги, фармација, осигурување…), во првите шест месеци од оваа година, евидентираа вкупна добивка од 6.633.858.342 денари.

Ова претставува намалување од 23,86% во однос на истиот период лани, кога добивката на котираните компании се позиционираше на 8.712.848.148 денари.

Вкупно 27 од компаниите што котираат на берза, првото полугодие од оваа година го завршија во минус, па вкупната загуба беше на ниво од 517.837.401 денар, додека една година претходно изнесуваше 666.536.004 денари.

Компании што остварија најголема поединечна добивка се: Стопанска банка (1.054.339.000 денари), НЛБ Банка (963.243.000 денари), Телеком (880.788.000 денари), Комерцијална банка (676.088.000 денари) и Алкалоид (460.808.000 денари).

Три компании што прокнижија најголема загуба се: Арцелормиттал ЦРМ (235.349.805 денари), Тутунски комбинат Прилеп (66.207.000 денари) и ЗК Пелагонија (64.433.000 денари).

Фото: Pixabay