Нафтениот шок нема да заврши годинава

53

Нафтениот шок нема да заврши во 2022 година пренесува магазинот „Недеља“ на Националниот нафтен комитет на Србија.

Според американскиот дневен весник Wall Street Journal, западните власти се загрижени дека нафтата „брент“ наскоро ќе достигне 150 долари за барел од сегашните околу 120 долари. Некои аналитичари стравуваат дека цената ќе продолжи да расте, поттикната од дополнителната побарувачка поради пандемијата на коронавирусот и европските санкции кон Русија.

Во исчекување на прогнозата на Меѓународната агенција за енергетика, трговските компании, нафтените компании и земјите од ОПЕК имаат консензус дека во текот на 2023 година побарувачката за „црното злато“ ќе се зголеми меѓу еден милион и 2,5 милиони барели нафта дневно. Во остатокот од тековната година побарувачката на нафта, според прогнозите на Меѓународната агенција за енергетика, ќе се зголеми за 1,8 милиони барели дневно. Секое годишно зголемување на побарувачката над еден милион барели нафта дневно се смета за доста големо.

Кога станува збор за снабдувањето, трговците со нафта очекуваат дека во најдобар случај Русија ќе го задржи сегашното ниво од околу 10 милиони барели дневно, што е пад од околу 10 отсто од почетокот на воената интервенција на Москва во Украина. Сепак, некои аналитичари сметаат дека понудата би можела да падне за уште еден милион барели или дури и за 1,5 милиони барели нафта дневно.