Награда од по 10.000 евра за успехот на македонските фудбалски репрезентативци

142

Владата донесе заклучок од буџетските резерви да им биде доделена парична награда од по 10.000 евра во денарска противвредност на сите членови на фудбалска репрезентација на Северна Македонија за историскиот успех за пласман на Европското првенство.

Рано утринава околу 04:30 часот, премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски на граничниот премин Блаце, заедно со претставници на медиумите ги пречекаа македонските фудбалери кои од Тбилиси слетаа во Приштина, Косово, после остварувањето историски пласман на Европското првенство.

“Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација. Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден. Јас и првиот вицепремиер Артан Груби сме овде да ја споделиме радоста и да ви укажеме чест и да ви соопштиме дека во името на Владата и на граѓаните, сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра“, рече премиерот Заев на дочекот на репрезентативците.

Македонската фудбалска репрезентација синоќа со 1:0 во Тбилиси ја победија Грузија со голот на Горан Пандев и со тоа обезбеди пласман на Европското првенство.