Најавата на Путин за делумна мобилизација ја зголеми цената на златото

54

Цените на златото пораснаа во средата поради зголемените геополитички тензии поттикнати од најавата на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација и очекувањата за дополнително нагло зголемување на каматните стапки во САД.
Унцата злато на физичкиот пазар поскапе за 0,5 отсто, на 1.673,74 долари. Кај фјучерсите на американскиот пазар неговата цена порасна за 0,6 отсто на 1.681,85 долари.

Геополитичките тензии повторно се во преден план откако рускиот претседател Владимир Путин најави делумна мобилизација во значителна ескалација на војната во Украина.

Русија ќе ги искористи сите расположливи средства за да ја заштити својата територија, рече Путин, поддржувајќи го најавениот референдум во делови на Украина кои се под контрола на руските сили за приклучување кон Руската Федерација.

Инвеститорите очекуваат и продолжување на седницата на американската централна банка за монетарната политика. Се очекува функционерите значително да ги зголемат клучните каматни стапки, можеби за три четвртини од процентниот поен, на три до 3,25 проценти.

Пазарите ќе се фокусираат на ажурираните прогнози на ФЕД за економијата и за каматните стапки.

Јапонските, швајцарските и британските централни банки во четврток ќе одлучуваат за монетарната политика.