Најбогатите луѓе во светот станаа “потешки“ за 845 милијарди долари за време на пандемијата

41

Џеф Безос, Бил Гејтс, Марк Цукерберг и други американски милијардери забележаа вртоглав раст на нивното богатство во последните шест месеци.

Во исто време, милиони Американци сега заработуваат помалку отколку пред да започне кризата.

Последниот извештај на Институтот за политички студии за нееднаквостите во богатството покажа дека вкупно 643 најбогати Американци собрале неверојатни 845 милијарди долари помеѓу 18 март и 15 септември, а со тоа и нивното вкупно богатство се зголемило за 29%.

Студијата покажа дека овој раст го зголеми богатството на најбогатите Американци од 2,95 трилиони на 3,8 трилиони долари. На списокот на луѓе кои заработуваат најмногу се наоѓаат сопственикот на Тesla, Илон Маск, сопственикот на Оracle, Лари Елисон и поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг.

Чак Колинс, директор на програмата за истражување на нееднаквоста на Институтот за политички истражувања, кој е исто така коавтор на извештајот, рече дека е шокиран од овие податоци, додавајќи дека ковидкризата ја влошува веќе постоечката нееднаквост во Америка.

“Мислев дека можеби шест месеци откако започна пандемијата, работите ќе дојдат на свое место – дека сите ќе бидат засегнати“, изјави Колинс за CNN.

Пандемијата доведе до најголема криза на невработеност од Големата депресија, со стапка на невработеност од 14,7 % во април и пад на 8,4 % во август. Во Соединетите Американски држави се изгубени 11,5 милиони работни места од почетокот на февруари. Невработеноста е дури четири пати поголема отколку пред пандемијата.

Фото: Freepik