Најголем број на новосоздадени, но и на зграснати претпријатија во секторот Трговија

40

Најголем број на новосоздадени, но и на зграснати претпријатија, во период од 2009 до 2013 година, има во секторот Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во 2009 година, 17,2% од активните претпријатија во Република Македонија, се новосоздадени претпријатија, во 2010 година тој број изнесува 16,2%, во 2011 година 12,9%, во 2012 година 11,9% и во 2013 година 10%.

Во поглед на згаснатите претпријатија, податоците покажуваат дека во 2009 година, вкупниот број на згаснати претпријатија изнесува 12% од вкупниот број на активни претпријатија, во 2010 година 13,7% и во 2011 година 9,3%.

Податоците за структурата на новосоздадените и згаснатите претпријатија, според правната форма, покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата кои се категоризираат во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.

Од вкупниот број на новосоздадени претпријатија во 2009 година, 49,9% преживеале во 2013 година.

Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија чијашто главна дејност,
според Националната класификација на дејностите-НКД Рев.2 , припаѓа во секторите Дејности на здравствена и социјална заштита (82,5%) и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (69,6%). Во 2013 година преживеале 44,6% од новосоздадените претпријатија во 2010 година, 58,8% од новосоздадените во 2011 година и 64,9% од 2012.

Најстабилни, т.е. со најголема стапка на преживување во 2010 и 2011 година се новосоздадените претпријатија чијашто главна дејност според Националната класификација на дејностите – Дејности на здравствена и социјална заштита, а кај новосоздадените претпријатија во 2012, во секторот на дејност Финансиски дејности и дејности на осигурување (без класа 64.20).