
Четирите најголеми американски авиокомпании би можеле да забележат вкупна загуба од околу 345 милиони долари (околу 297 милиони евра) поради привременото прекинување на воздушниот сообраќај низ Соединетите Американски Држави во петокот, што предизвика прекини во летовите во текот на викендот, процени брокерската куќа Бернштајн.
Проценката се однесува на компаниите Американ ерлајнс, Делта ерлајнс, Јунајтед ерлајнс и Саутвест ерлајнс, објави Ројтерс.
Бернштајн наведува дека загубата на нивната заедничка добивка пред оданочување би можела да биде во опсег од 270 милиони до 430 милиони долари (од приближно 232 до 370 милиони евра).
Повеќе од 18.500 летови во, до и од САД беа откажани до 8:47 часот наутро по локално време во понеделник, според податоците засновани на информации од услугата за следење летови „Флајтовер“.
Ова е едно од најдолгите прекини на воздушниот сообраќај во САД од терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Најголеми тешкотии во нормализирањето на сообраќајот имаа „Американ ерлајнс“ и „Џетблу“, кои откажаа 22 и 28 проценти од планираните летови во недела, соодветно.
„Делта“ откажа пет проценти од летовите, „Јунајтед“ три, а „Саутвест“ четири проценти, според аналитичарите на „Банк оф Америка“.
Акциите на „Џетблу“ паднаа за време на утринската трговија во понеделник за речиси два проценти, додека акциите на другите авиокомпании забележаа раст помеѓу еден и два проценти.
Американските претставници изјавија во саботата дека причина за прекинот можеби бил рутер инсталиран од „Л3 Харис“, изведувач на воздухопловни и одбранбени услуги.
Акциите на компанијата паднаа за околу 2,3 проценти во раната трговија во понеделник.
Министерот за транспорт на САД, Шон Дафи, изјави дека очекува воздушниот сообраќај целосно да се нормализира до понеделник, бидејќи компаниите работат на прераспоредување на авионите и екипажите и повторно воспоставување на редовните распореди на летови.
Во исто време, тој го повика Конгресот итно да обезбеди средства за модернизација на системот за контрола на воздушниот сообраќај, проценувајќи дека прекините од минатата недела веројатно предизвикале загуби од повеќе милијарди долари.











