Најголемите компании во регионот прокнижија приходи од 111 милијарди евра

94

Скоро 111 милијарди евра е вкупниот приход што во текот на минатата година го остварија 100-те најуспешни компании во секоја од шесте земји од регионот.

Најголеми приходи забележаа 100-те најголеми компании во Словенија во вкупен износ од 31,6 милијарди евра, по што следуваат 100-те најголеми во Хрватска со вкупни приходи од 29,3 милијарди евра, додека во Србија приходите на најголемите достигнаа ниво од 25,3 милијарди евра. Четврти, според остварени приходи, се 100-те најуспешни компании во Босна и Херцеговина со 11,9 милијарди евра, зад нив се приходите на 100-те најуспешни од Македонија, чија вредност достигна 8,9 милијарди евра, додека зад нас е Црна Гора со 3,7 милијарди евра приходи на 100-те најуспешни компании во земјата.

Според анализата, минатата година во Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора генерално е забележано солидно работење на големите компании, а за закрепнување на економијата на овој регион заслужни се и домашните потрошувачи, чија куповна моќ бележи пораст. Приватната потрошувачка е зголемена, пред сè, благодарение на намалената невработеност, односно раст на животниот стандард на жителите од овој регион.

Како што пишува Capital.ba, благодарение на Протоколот за соработка меѓу бонитетната агенција LRC од Сараево со агенции од регионот, Пословни новини во септември оваа година ќе биде објавено специјално издание на 100-те најголеми компании во регионот.