Најголемото авиошоу, Farnborough, заврши со нарачки вредни 192 милијарди долари

22

Најголемиот светски настан од областа на авиоиндустријата, Farnborough airshow заврши неделава со остварени договори во вредност од 192 милијарди долари, што претставува скок од повеќе од 50 % во споредба со 2016 година, велат организаторите, а пренесува Arabian Business.

Биеналето на воздухопловната индустрија забележа повеќе од 1.400 нарачки на комерцијални авиони, вредни 154 милијарди долари, заедно со најмалку 1.432 договори за мотори во вредност од 21,96 милијарди долари.

Вкупниот износ на нарачките во однос на последниот фестивал пред две години е зголемен за 67,5 милијарди долари, со продолжување на традиционалното ривалството помеѓу Boeing и Airbus, коишто ги добија и најголемиот дел од авионските нарачки.

Американскиот авијациски гигант Boeing објави 676 нарачки, со вкупен износ од 92 милијарди долари, додека неговиот европски конкурент најави 431 нарачка во вредност од 70 милијарди долари.

Но, на Farnborough airshow во Јужна Англија, не само што се прават најголемите авио нарачки, туку изложбата привлекува и огромен број на посетители. Така годинешниот настан  ја оствари и својата најголема посетеност во светот досега со околу 100 земји застапени, како и рекордното кинеско присуство. Исто така, имаше пораст од 10% и во трговските посетители во споредба со претходните години, при што повеќе од 80.000 посетители поминаа низ изложбениот центар.