Најлошо се менаџираат фабрики од металната индустрија

97

Фабрики од компјутерската и електронската индустрија најдобро се менаџираат, додека најлошо се водат фабриките од металната индустрија. Овие податоци ги покажува истражување за квалитет на менаџерски практики и стил на водење фабрики во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија, пренесува Екапија.

“Резултатите од истражувањето покажуваат дека менаџерските практики во Србија се на скоро исто ниво како во фабриките во другите земји од регионот. Фабриките во сите четири земји од регионот се менаџираат на сличен начин и не постои разлика меѓу менаџерската пракса. Единствен исклучок е управување со работната сила и талентите, каде резултатите покажуваат дека фабриките во Северна Македонија имаат нешто подобар однос кон вработените во однос на фабриките во останатите земји од регионот“, вели Јелена Церар, авторка на истражувањето.

Резултатите, како што се наведува, покажуваат значајни варијации во начинот на водење на фабриките во зависност од тоа во која индустриска гранка припаѓаат. Па така, фабрики од компјутерска и електронска индустрија се најдобро менаџирани, додека најлошо се водат фабрики од металната индустрија.

“Ова истражување, исто така, покажува дека видот на сопственост на фабриката во голема мера влијае на нејзиниот начин на водење. Фабриките во сопственост на основачот и оние кои останале во сопственост на семејството на основачот, откако тој ќе се повлече од работата, имаат нешто подобри вкупни менаџерски практики од фабриките во друг вид на сопственост. Оваа разлика е значајно поголема кога се работи за управување со вработените и нивните таленти… Резултатите покажуваат дека и приватизираните фабрики и понатаму задржале значаен дел од менаџерските практики од претходниот период на државна сопственост“, додава таа.

Исто така, фабриките што се во сопственост на странски корпорации се подобро менаџирани од домашните, но меѓу странските компании има голема осцилација во оценката на менаџерските практики.

Фото: Pixabay