Најмладиот милионер во Македонија има 15, а најстариот 98 години

21

Фото: Pexels

Најмладиот граѓанин кој остварил приход од над еден милион денари во 2017 година има 15 години, а во групата на остварени приходи над 10 милиони денари, најмладиот имал 20 години, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.

Највозрасниот граѓанин кој остварил приход над 1.000.000 денари е на возраст од 98 години, додека во групата на остварени приходи над 10.000.000 денари е лице на возраст од 86 години.

Кај 24.524 граѓани УЈП утврдила бруто приходи над еден милион денари, додека најголемиот број на граѓани, поточно 438.004, оствариле бруто приходи коишто се движат од 100.000 до еден милион денари. Највисокиот годишен бруто приход за 2017-та година е пријавен во Годишна даночна пријава којашто била поднесена од скопјанец и изнесува 212 милиони денари.

Втор на листата е жител на Скопје кој пријавил приход од 207.587.649 денари, на оваа листа се најдоа и жител од Струга со остварени 135.137.869 денари и од Битола кој пријавил 92.922.049 денари.

Здравството, фармацијата и информатичките технологии и во 2017 година се сектори каде што се исплатиле највисоки плати. Највисоката годишна бруто плата во 2017-та година е исплатена во секторот здравство и изнесува 167.687.011 денари.

Највисокото дополнително примање и надоместок од работен однос, изнесува 46.307.898 денари на годишно ниво, највисока капитална добивка, остварена е од граѓанин на Прилеп и изнесува 43.973.500 денари, по основ на дивиденди и други приходи од учество во добивката, заработка од 202 денари е пријавена од страна на скопјанец.

Во 2017 година вкупно 455.915 граѓани поднеле Годишни даночни пријави од коишто доброволно пријавиле 192.150.172.035 денари годишни бруто приходи, како и 11.618 491.776 денари персонален данок.

Најголем број Годишните даночни пријави за 2017-та биле поднесени во Регионалната дирекција Скопје каде што биле примени 174.342 Годишни даночни пријави.  Според донесените решенија за утврдување на годишниот данок на доход за 2017 година коишто се доставени на адреса на граѓаните, УЈП има утврдено вкупен годишен бруто приход од 207.466.392.178 денари и вкупен износ на персонален данок на доход од 12.508.930.256 денари.

Во највисоко рангираните приходи по основ на повремено или привремено вршење на услуги доминираат Велешани, од кои прворангираниот во 2017 година заработил 88.386.695 денари.

Највисокиот профит од вршење на самостојна дејност во 2017-та изнесува 56.949.872 денари, а го остварил физичко лице, вршител на самостојна дејност од Скопје.

Бруто приходи по основ на имот и имотни права, како што се издавање на земјиште, станови, деловни простории, превозни средства и друг вид на имот, во 2017-та година прворангираниот е даночен обврзник од Скопје којшто пријавил 52.119.889 денари.

По основ на авторски права и права од индустриска сопственост, највисок приход во својата Годишна даночна пријава пријавил граѓанин од Скопје којшто изнесува 32.786.556 денари.

Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество на наградни игри е пријавен од страна на Тетовец кој само по овој основ остварил 9.999.041 денари.

Во 2017-та, пензионер од Битола пријавил 55.559.568 денари вкупен годишен бруто приход по сите основи, вклучувајќи ја и пензијата. Додека највисок бруто приход само по основ на пензија е пријавен од страна на скопјанец во износ од 5.728.934 денари. Станува збор за пензија којашто на даночниот обврзник му се исплаќа од странство.