Најмногу поплаки од потрошувачите поради технички производи, како и нивна гаранција и сервис

21

Најголем дел од поплаките на граѓаните, во текот на изминатата 2014 година, се однесуваа на неквалитетни технички производи и гаранција и сервисирање на истите, наведуваат од Организацијата за заштита на потрошувачите.

“Најмногу жалби од страна на потрошувачите имаше за мобилните телефони, за кои тие се жалеа дека ги купиле како расипани, дека премногу брзо се расипале, дека гаранцијата им е поништена од нејасни причини и не по нивна вина. Истиот проблем, но со помал интензитет го имаше и со лап топ, таблет и десктоп комјутери“, стои во соопштението на Организацијата.

Постојат и жалби за квалитетот на одредени делови на автомобили, а најчесто станувало збор за неквалитетни акумулатори кои пројавувале недостаток во гарантниот рок.

“Од производите за лична употреба најчесто потрошувачите имаа проблем со чевлите кои им се оштетиле за само неколку дена, а потоа следи неквалитетната облека која брзо се оштетувала или избледувала. Во одредени периоди забележавме и пораст на поплаките за накит и видови на асесоари, за кои потрошувачите пројавија сомневањеза квалитетот, имаа проблеми со гаранцијата за истите, како и со сервисирањето“, стои во соопштението.

Во делот на услугите, како што се наведува, потрошувачите најмногу се пожалиле на туристички аранжмани, а кога станува збор за телекомуникациските услуги најголем дел од поплаките се однесуваа на мобилната телефонија, односно за сметките од мобилните оператори, особено во летниот период, кога имало дополнителни трошоци за роаминг во странство.

“Од проблемите со јавните претпријатија, најголем проблем на поплаки се однесуваа на испораката на електрична енергија, каде што потрошувачите се жалеа за најразлични работи, а еден од најчестите проблеми беа механичка пресметка на потрошената електрична енергија на сметките, а имаше и поплаки за висината на напонот на електрична енергија, работењето на мерните апарати и проблеми при вклучување или исклучување од мрежата“, се наведува во соопштението.