Најмногу работа за хигиеничари – најмногу невработени без образование

74

Хигиеничар на станбен и деловен простор, според податоците на Агенцијата за вработување, е занимање со најголем број на слободни работни места – 478. Меѓу занимањата за кои има работа, но најверојатно интересот е помал, се и: продавач (431 слободно работно место), општ работник (268 слободни работни места), келнер (187 слободни работни места) и шивач (170 слободни работни места).

На дното на оваа листа, пак, со најмалку слободни работни места се најдоа овие занимања: службеник за општи работи (52 слободни работни места), касиер (55 слободни работни места), армирач (58 слободни работни места), кројач (59 слободни работни места) и бравар (65 слободни работни места).

Кога ја анализираме структурата на невработените во земјава според степен на образование, според податоците на Агенцијата за вработување, преовладуваат оние без образование или со основно образование. Па така, вкупно 52.795 лица без или само со основно образование се во потрага по работа. Од нив 27.362 се мажи, а остатокот од 25.433 се жени. Потоа, следуваат невработени со средно училиште (вкупно 25.360), па со непотполно средно училиште (вкупно 11.869).

Со завршен факултет во земјава без работа се 9.567 лица, а податоците покажуваат дека во потрага по работа се и 719 магистри на науки и 21 доктор на науки.

Фото: Pixabay