Најмоќниот банкар во светот: Работите би можеле да станат многу полоши

150

Тој беше на чело на JPMorgan Chase 16 години и е единствениот главен банкарски директор кој остана на функцијата по финансиската криза во 2008 година. Сега тој ги предупредува луѓето да се подготват за она што може да се случи.

Џејми Дајмон (66) е легенда во светот на финансиите. Ја води најголемата банка во светот, управува со вкупна актива од 3,74 трилиони долари (податоци од крајот на минатата година), еден трилион долари заеми и 2,46 милијарди долари депозити. Поради таа привилегирана положба, неговите зборови особено одекнуваат во сите центри на моќ. На почетокот на јуни, тој ја промени својата економска прогноза на конференција и пазарите почнаа да се тресат: временската прогноза на Дајмон стана од „облачно“ до предупредувања за претстојниот економски „ураган“.

Мадридски Ел Паис направи големо интервју со него, а во продолжение пренесуваме  дел:

Зошто сте толку песимисти за економската иднина?

Во мојата земја ситуацијата е релативно добра. Пазарот на трудот е многу силен и потрошувачите имаат пари за трошење. Кога реков дека има темни облаци на хоризонтот, мислам дека луѓето го потценија моето претходно предупредување. Мислеа дека овие економски проблеми се привремени, но не беа. Работите би можеле да станат многу полоши. Се соочуваме со многу сериозни проблеми како што се високата инфлација, особено цените на енергијата и храната и зголемувањето на каматните стапки.

Дали мислите дека САД би можеле да влезат во рецесија пред крајот на годината?

Не сакам да правам прогнози, но да, постои можност. Сè уште не знаеме колку ќе пораснат каматите.

Ќе остане ли инфлацијата на сегашното ниво уште долго?

Мислам дека се приближуваме до врвот и тогаш цените би можеле да почнат да паѓаат. Но, повторно останувам на ставот дека е тешко да се прогнозира. Во последните години ги имавме најголемите монетарни и фискални инјекции на стимулации што светот ги видел во целата своја историја. Тешко е да се предвидат краткорочните последици од тие политики. Она што изгледа појасно е дека инфлацијата не е привремена. Платите растат, цените на недвижностите исто така…

Дали мислите дека централните банки придонеле за овој вид на инфлација?

Да, но не намерно. Секогаш мислев дека политиката на нулта каматна стапка е лоша идеја. Има многу штетни ефекти. Од друга страна, откупот на јавниот долг има јасни инфлаторни ефекти, многу повеќе од едноставна програма за квантитативно олеснување. Во САД обемот на монетарната политика на Федералните резерви за само две години е 30% од БДП. Тоа е без преседан. Има многу пари во рацете на домаќинствата и владите кои сè уште не се потрошени.

Ќе можат ли ФЕД и Европската централна банка (ЕЦБ) да го приземјат „инфлаторниот авион“?

Се надевам дека е така, но тоа е се потешко и потешко. Признавам дека завршија одлична работа во овие две години. Кога се појави пандемијата, никој не мислеше дека економиите ќе закрепнат толку брзо. Сепак, мислам дека отидоа предалеку. Очигледно, гледајќи наназад, сè е полесно да се анализира, но имаше прекумерна монетарна и фискална стимулација.

А што е со владите? Како можат да го стимулираат растот без да предизвикаат инфлација?

Со намалување на прописите кои го попречуваат добриот раст. Размислете, на пример, за инфраструктурата. Понекогаш дозволите траат премногу долго. Во САД, на пример, владата треба да дозволи поголема имиграција. Тоа малку би го оладило растот на платите. Работите можат да се направат и во однос на енергијата. САД треба да бидат поамбициозни во производството на нафта и гас, особено да и помогнат на Европа во ова време на енергетска неизвесност.

Дали руската инвазија на Украина го забрза новиот светски економски поредок?

Војната е можност за обединување на западниот свет. Мора да ја браниме демократијата, да се бориме за слобода и слободна трговија. Светот се промени на 24 февруари, кога 3.000 руски тенкови нападнаа европска земја. Таквиот удар ја разбива илузијата дека се е во ред и мирно. Војната, исто така, ја става во фокус не само глобалната безбедност, туку и безбедноста на енергијата и храната. Мило ми е што ги гледам западните земји како работат заедно за да ги решат овие предизвици.

Една од последиците на пандемијата беше значително зголемување на нееднаквоста во светот. Дали си загрижен?

Да. Не е добро да се има толку нерамноправно општество. Има многу работи што би можеле да се направат за да се поправи оваа ситуација. Во САД, на пример, треба да се зголеми минималната плата, што едвај е направено за 20 години. Освен тоа, училиштата треба да им обезбедат на децата вештини за да успеат на работното место и да заработат повеќе пари. Образованието, добриот здравствен систем и добрата инфраструктура се клучни за борба против нееднаквоста.

Зборувајќи за шпекулации, отсекогаш сте биле многу скептични за крипто средствата. Зошто?

Па, мислам дека скептичноста е премногу блага дефиниција. Никогаш не би инвестирал во крипто. Притоа, неопходно е да се оддели технологијата, блокчејн, од криптовалутите како чисти инвестициски средства. Ние сме еден од најголемите корисници на блокчејн во светот бидејќи ни овозможува да обработуваме милиони податоци во реално време. Сепак, никогаш не ја разбрав вредноста на криптовалутите како инвестициско средство. Тие станаа модерни, но длабоко во себе мислам дека кријат систем кој би можел да биде многу сличен на шемите на Понзи. Тоа не значи дека не го бранам правото на луѓето да инвестираат во нив. Исто така, мислам дека луѓето не треба да пушат, но го бранам нивното право да го сторат тоа.