Најмотивирани се оние вработени кои имаат слобода на делување

1655

П.И.К.Ко како интернационална компанија со главно седиште во соседна Бугарија, чија што дејност започнува пред 32 години се проширува најнапред во Македонија.

П.И.К. Ко ДООЕЛ Македонија повеќе од две децении поточно 22 години е водечки снабдувач на суровини и функционални додатоци во сите области од прехрамбената индустрија.

„Без тимот е невозможо да се креира посакуваниот и постигнатиот успех, секако тимот не е важен само како бројка, секој учесник во истиот мора да биде пред сè среќен што е дел од организацијата, да се пронајде, да почувствува дека припаѓа што значи да биде прифатен, потоа соодветно ценет и наградуван“, вели во интервју за Бизнис Инфо, Викторија Шотароска Трајкова, регионален менаџер на П.И.К.Ко за Македонија, Косово и Албанија.

Бизнис Инфо: Над две децении постоење на пазарот е еден солиден јубилеј за нашиот пазар. Со што се занимава  компанијата П.И.К.Ко?

П.И.К.Ко како интернационална компанија со главно седиште во соседна Бугарија, чија што дејност започнува пред 32 години се проширува најнапред во Македонија.

П.И.К. Ко ДООЕЛ Македонија повеќе од две децении поточно 22 години е водечки снабдувач на суровини и функционални додатоци во сите области од прехрамбената индустрија.

Пред 15 години македонскиот тим успева истата успешна приказна да ја прошири на Косовскиот и Албанскиот пазар, каде што регистрираме наши фирми и отвoраме соодветно канцеларии и магацини.

Македонскиот тим цели 22 години успешно и безрезервно се вложува најнапред во  развој на тимовите како кај нас така и на соседните два пазари сè со цел да бидеме препознатлива трговска компанија која продавајки суровини и функцинални додатоци и преку нови технолошки решенија креира иновативни производи за нашите клиенти.

Бизнис Инфо:Компанијата има портфолио со над 1000 видови суровини, дали планирате да го збогатите со некои нови суровини кои недостасуваат на македонскиот пазар и кои се идните планови?

Нашето портфолио е огромно, односно можеби над 1000 суровини постојано подржуваме во нашиот магацин, но она што е поважно, за било какво барање на клиент за развој на нов произод можеме да обезбедиме суровина брзо и лесно, благодарение на базата на производители на суровини што ја имаме во нашиот систем, како и пред сè благодарение на сериозните партнери со кои соработуваме и за кои сме официјални претставници на пазарот.

Покрај трговијата на суровини имаме сериозен фокус и на нашето производство на полуфабрикати како дополна на постоечкото портфолио, голем дел од тие полуфабрикати се “CUSTOM MADE”.

Бизнис Инфо:Како се развиваше вашиот кариерен пат во компанијата и која функција ја извршувате денес?

2023-та беше јубилејна година за мене, јас сум дел од оваа компанија 20 години, односно во истата сум од самите почетоци.
Моето лично искуство кажува дека навистина е огромна предност и совршена можност од самиот почеток да си дел од една интернационална компанија, 20 години со многу напорна работа, упорност и максимална посветенот заедно јас и П.И.К.Ко растевме и се развиваме. Стартував како комерцијалист, многу ми се допаѓаше од самиот почеток динамиката на работењето како и контактите со клиентите од една и со доставувачите од друга страна, како што растеше тимот за кратко време станав одговорна за комерцијалниот оддел, за од 2008-та година да
застанам на чело на П.И.К.Ко Дооел како извршен директор, а потоа и регионален менаџер со отворањето на фирмите во Косово и Албанија.

Бизнис Инфо: Според Вашето мислење, што значи континуирано успешно да се менаџира?

Континуираниот успех на било која позиција во една организација, или погенерално кажано континуираниот успех во било кој сегмент на живеењето побарува најнапред, многу љубов и страст кон истото, максимална посветеност и упорност, потоа следствено доаѓа многу работа и целосно вложување.

Погоре посочените особини или критериуми се базични, но не и единствени.
Да се биде менаџер значи управувње со процесите, управување со кадарот и управување со системот во целост, за управување со процесите потребно е сериозна континуирана едукација во областа во која се работи, за управување со кадарот, како најважен ресурс, потребна е многу емпатија, емоционална интелегенција, посветеност кон секој од нив одделно, а за управување на целиот систем како целина потребно е, покрај професионална и посветена лична надградба односно постојана работа на себе.
Само на таков начин е возможно да се биде лидер и менаџер во кој може да се има целосна доверба и истиот да биде автентичен пример чија мисија и визија ќе се следи.

Бизнис Инфо:За да може една компанија долгогодишно успешно да опстанува на пазарот, успешните го издвојуваат добриот тим. Кои карактеристики треба да ги имаат вашите вработени и како ги мотивирате да останат позитивни, а со тоа и клиентите задоволни?

Без тимот е невозможо да се креира посакуваниот и постигнатиот успех, секако тимот не е важен само како бројка, секој учесник во истиот мора да биде пред сè среќен што е дел од организацијата, да се пронајде, да почувствува дека припаѓа што значи да биде прифатен, потоа соодветно ценет и наградуван.
За да се постигне сето ова вработените мора да бидат запознаени најнапред со мисијата и визијата на компанијата, потоа да поминат низ соодветни обуки, да им бидат доделени ментори со кои ке поминат низ сите процеси и на крај кога ке го достигнат соодветното знаење и лична самодоверба преку конкретно дефинирани задачи да се овозможи самостојно да работат и да почувствуваат дека имаат свој личен придонес во целокупното делување.

Јас лично настојувам и сметам декај најмотивирани се оние вработени кои имаат слобода на делување, на таков начин можат најдобро да ја искажат својата креативност и најзадоволни се од своите постигнати резултати, за ова да биде возможно вработените е потребно во континуитет да се обучуваат.

Бизнис Инфо: Колку обуките и развојот на вработените се важни за напредок?

Како што веќе предходно нагласив обуките и едукацијата генерално се најзначајниот дел во процесот на креирање успешен и задоволен вработен, тргнувајќи од своето лично искуство постојаната едукација не смее да престане, на таков начин сме во тек со сите трендови и новитети.
Јас сум вклучена во едукативниoт процес на CEED од 2011 година, во континуитет моите колеги од сите сектори поминуваат најразлични обуки, секако и многу други обуки и едукации како дел од неформалното образование.

Бизнис Инфо:Одливот на младите од земјава е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме. Несомнено тоа е огромен предизвик и за компаниите кои се во потрага по нови кадри. Како гледате на пазарот на трудот денес и дали и вие се соочувате со недостиг на работна сила?

Демографијата е сериозен проблем и кај нас и во регионот, од една страна иселувањето на младите во потрага по посигурна и попросперитетна иднина од друга страна намалениот наталитет, сето ова во денешницава го живееме како сериозен проблем и секоја компанија особено поголемите производствени фирми од нашата област го чувствуваат на свој грб.
Ние вработуваме постојано млади кадри, штотуку завршени студенти на кои им даваме можност за добар старт и професионален напредок, исто така потпишуваме согласности со приватни и државни универзитети и сме вклучени во дуалното образование со цел младите уште во текот на своето студирање да се запознаат со процесите во нашата компанија и да се уверат дека и кај нас има многу сериозни и успешни компании.
Она кое што зависи од нас го правиме на најдобар начин, она што треба да го спроведе државата за да се намали и крајно спречи иселувањето е да го среди, здравствениот, образовниот и судскиот ситем и да ја врати довербата во системот и институциите како кај младите така и кај целото население.

Бизнис Инфо:Денес, сѐ поактуелни се прашањата околу добросостојбата на вработените и рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот. Што е тоа што вие го правите за да го обезбедите овој баланс?

За да бидеме успешни во тоа што го работиме мора да креираме баланс во двата сегменти- приватниот и деловниот.
Најверојатно искуството низ годините најмногу помага ова да се постигне.
Кога го живеам мојот приватен дел од денот сакам да сум помеѓу моите сакани- фамилијата и пријателите, особено сакам и настојувам да сум опкружена со позитивни и инспиративни луѓе, сакам да се забавувам, да патувам, да фотографирам сето тоа ми ја полни душата.
На работа пак сакам да сум јас голема инспирација, а најмногу подршка и мотивација за мојот тим.