Најпродаван премиум бренд во Европа за 2020

32

Годинава која е на изминување донесе големи промени во автомобилската индустрија, но некои работи не се менуваат кога станува збор за премиум брендовите.

На крајот од годината очекувано е да се израмнат сметките и да се види кој е кој во автомобилската индустрија. Листите за најпродавани и најпопуларни модели на Стариот континент не се непознати, но што е со премиум брендовите? Таму речиси и да нема дилеми – германската премиум тројка доминира.

Без оглед на противниците, навистина е тешко да се загрози позицијата на Mercedes, BMW и Audi кога станува збор за пазарот на премиум автомобили во Европа. Оваа година, заклучно со ноември, Mercedes се покажал како најпопуларен избор со 540.540 продадени автомобили. Веднаш зад него е BMW со 471.406 испорачани единици, додека на третото место е уште еден “Германец“ – Audi, кој стигна до бројка од 422.736 продадени возила.

Сите останати премиум марки останаа далеку зад неприкосновената германска тројка во Европа, секако, кога станува збор за продажбата на автомобили. На четвртото место е Volvo со речиси 198.000 испорачани возила. Следува Mini кој за 11 месеци во Европа испорачал 108.591 автомобил, а со британскиот производител завршува и листата на брендови кои успеаја да ја надминат границата од 100.000 нови регистрации во овој сегмент.

Porsche дојде до бројката од 48.045 регистрации, а веднаш зад него е Land Rover со 44.877. Француски DS испорачал возила до 35.129 купувачи, додека зад него е Alfa Romeo со 28.049 продадени единици. Изненадувачки, на последните две места се Lexus и Jaguar. Јапонската марка успеа да продаде 27.957 автомобили, додека Jaguar забележа резултат од 16.161 продадени автомобили и драстичен пад на продажбата од 50,1% во Европа.

Преземено од Avtoplus.mk