Најсилната европска економија може да претрпи штета до 900 милијарди евра

52

Екстремните временски услови предизвикани од климатските промени би можеле да предизвикаат кумулативна штета на германската економија до 900 милијарди евра до 2050 година, покажува новото истражување.

Студијата, спроведена од компаниите за економски истражувања Prognos и GWS во соработка со германскиот институт за еколошки економски истражувања, беше објавена додека Берлин работи на стратегија за адаптација на климатските промени, која наскоро ќе ја претстави Министерството за заштита на животната средина.

Во Германија, владејачката коалиција исто така дебатира за тоа како критичните сектори, како транспортот и градежништвото, ќе станат јаглеродни неутрални до 2045 година.

Германските министерства за економија и животна средина наведуваат, цитирајќи ја оваа студија, дека екстремните горештини, суши и поплави би можеле да предизвикаат штета вредна меѓу 280 милијарди и 900 милијарди евра помеѓу 2022 и 2050 година, во зависност од нивото на глобалното затоплување.

Поради климатските промени, германската економија претрпе штета во износ од најмалку 145 милијарди евра во периодот од 2000 до 2021 година, од кои 80 милијарди се само во последните пет години.

Според истражувањето, 60 до 80 отсто од потенцијалните штети може да се намалат преку мерки за адаптација на климатските промени, во зависност од тоа колку силни би биле климатските промени.

Студијата не опфати нефинансиски штети, како што се влошување на здравјето, смртни случаи поврзани со топлина и поплави и губење на биолошката разновидност.

Не е наведено колку мерките за адаптација на климатските промени би можеле да ги чинат федералните и државните влади.