Најскапата уметничка збирка продадена на аукција, чини вкупно 922,2 милиони долари

38

Познатата уметничка збирка, којашто беше предмет на жолчната бркоразводна парница меѓу њујоршкиот магнат Хари Меклоу и неговата поранешна сопруга Линда Бург, стана најскапата уметничка колекција продадена на наддавање.

Аукцијата во „Сотби“ достигна сума од 246,1 милиони долари во вториот круг од наддвањето за колекцијата на парот, со што вкупната вредност на збирката достигна 922,2 милиони долари, изјави претставник на аукциската куќа.

Со тоа е соборен рекордот од 2018 година. Односно, 835,1 милиони долари, колку што чинеше колекцијата на семејството Рокфелер, се надминати.

Најскапата слика на оваа аукција којашто се одржа вчера, е онаа на Марк Ротко, продадена за 48 милиони долари, па „Сестик“ на Герхард Рихтер – продадена за 30,2 милиони долари… Автопортретот на Енди Ворхол достигна цена од 18,7 милиони, а сликата „Без назив“ на Виљем де Кунинг продаден за 17,8 милиони долари.

Уште во септември, „Сотби“ ги доби правата за продажба на уметничката збирка на Меклоу. Во ноември беа продадени 35 уметнички дела, достигнувајќи цена од 676,1 милиони долари, а останатите 30 беа продадени во вториот круг вчера.

Ова е „најзначајната колекција на модерна и современа уметност што некогаш се појавила на пазарот“, соопштија организаторите.

За време на бракоразводната парница, Хари Меклоу и неговата поранешна сопруга Линда не успеаја да се договорат за вредноста на огромната уметничка колекција, по што судот во Њујорк во 2018 година одлучи да се продадат сите 65 уметнички дела и поранешните сопружници да ја поделат заработката.

Фото:Sotheby’s