Најскапото сирење во светот се произведува во нашето соседство

149

Сирење од магарешко млеко, чија цена достигнува до 1.000 евра за килограм, се произведува во Специјалниот природен резерват Засавица во српскиот град Сремска Митровица, пренесува агенцијата Рина.

Пред неколку години имало информација дека за овој деликатес во Лас Вегас се одвоени дури 3.000 долари.

“Први на Балканот отворивме фарма за молзни магарици, во овој момент има околу 250 грла, а само еден дел од нив може да даде доволна количина на млеко, а дневно тоа е околу 200 милилитри. За еден килограм сирење потребни се 25 литри млеко и многу тешко се произведува, бидејќи сè се работи рачни. Многумина се обидувале да пронајдат формула, бидејќи тоа е навистина тешко поради самиот состав, но нашиот тим на експерти по неколку години истражување успеаја тоа да го направат. Тоа е причината за неговата цена“, вели Слободан Симиќ, управник на Специјалниот природен резерват.

Најскапото сирење на светот се произведува во пакување од 50 грама, има пријатен вкус, а она по што е исклучителен, освен цената, е и неговото благотворно дејство врз здравјето, бидејќи магарешкото млеко има низок процент на млечни масти и 60 пати повеќе витамин Ц од обичното кравјо млеко.

“По сите параметри, основната суровина е идентична со мајчиното млеко. Кога може бебето да го пие тогаш треба да знаете дека е многу јако, хранливо и здраво, има 50% повеќе протеини од кравјото млеко. Инаку, одличен е како лек за кожа, бронхитис и астма кај деца, како и за белодробни заболувања и закрепнување на организмот по тешки операции. Скоро сите знаат и дека во древни времиња магарешкото млеко го користела познатата Клеопатра за да ја зачува младоста и убавината“, вели Симиќ.

Ова српско сирење го пробал британскиот принц Чарлс и неговата сопруга Камила.

Годишно се произведуваат околу 100 килограми од овој деликатес и тој во мали пакувања се продава насекаде низ светот.

Фото: Freepik