Најстарата бочва од Тиквеш – симбол на винската традиција во Кавадарци

107

foto-1_tikves-bocva

Во пресрет на годинешната прослава на Св. Трифун – празникот на лозарите и винарите, винарската визба Тиквеш донираше една од своите најстари дрвени бочви. Во соработка со локалната самоуправа, бочвата е поставена на кружниот тек на еден од влезовите во Кавадарци, со што таа, за сите посетители од земјава и странство, претставува своевиден препознатлив белег на градот и неговата традиција.

“Оваа бочва е повеќе од предмет, таа е сведок на богатата традиција на производство на врвно вино во тиквешијата, што говори за нејзината голема вредност за сите нас, за Тиквеш, за градот Кавадарци, но и за сите лозари и винари во целиот регион“, велат во винарската визба Тиквеш.

foto-2_tikves-bocva

Оваа бочва со капацитет од 9.000 литри е меѓу првите кои биле поставени при проширувањето на винскиот подрум во далечната 1955 година. Документите и сведоштвата од тоа време говорат дека за да можело да бидат поставени вакви големи бочви, секоја тешка повеќе од два тона, било неопходно да се отстрани дел од таваницата на винскиот подрум, што е уште еден показател за огромната пожртвуваност и ентузијазам на Тиквеш низ историјата.