Најтргувани акции на берзата во март

108

Акциите на Комерцијална банка го задржаа приматот на најтргувани и во март, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза. Со вкупно 408 трансакции, акциите на Комерцијална банка учествуваа со 40,98% во вкупниот промет на Официјалниот пазар на берзата. Просечната цена на акциите на Комерцијална банка беше 7.882,49 денари.

Зад нив се најдоа акциите на Алкалоид со 236 трансакции и 17,32% учество во вкупниот промет. Во текот на минатиот месец акциите на фармацевтскиот гигант достигнаа просечна цена од 14.148,44 денари, а беа истргувани вкупно 3.890 акции.

Трети најтргувани акции на Официјалниот пазар на Македонска берза во март беа оние на Макпетрол со 144 трансакции и 16,77% учество во вкупниот промет.

Првата “петорка“ најтргувани акции минатиот месец, ја заокружуваат акциите на НЛБ Банка (144 трансакции) и Македонијатурист (56 трансакции).

Најголем пораст на вредноста на акциите на официјалниот пазар имаа: Интерпромет Тетово (200%), Скопски пазар Скопје (26,60%), Фустеларко Борец Битола (25%), Лотарија на Македонија (25%) и Либерти (13,64%).

Од друга страна, најголем пад имаа акциите на: Гранит Скопје (-18,99%), Хотели Метропол Охрид (-16,67%), Стопанска банка Скопје – приоритетни акции (-14,59%), Стопанска банка Битола (-13,44%) и Бетон Скопје (-9,98%).

Фото: Pexels