Најтргувани акции на Македонска берза во јануари

24

makedonska-berza-zvono

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Охридска банка се најтргувани во јануари, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со акциите на Комерцијална банка се направени 227 трансакции, што е 28,48% учество во вкупниот промет на официјалниот пазар на Македонска берза. Со 135 трансакции или 12,21% од вкупниот промет се тргуваше со акциите на фармацевтската компанија Алкалоид. На трето место се акциите на Охридска банка со 70 трансакции или 11,30% учество во вкупниот промет.

Најголем раст во јануари имаа акциите на Пекабеско Кадино со 35% и просечна цена од 10.800 денари на крајот на месецот. Втори по раст се акциите на Универзална Инвестициона Банка со скок од 29,20% и просечна цела од 1.168,58 денари, додека на трето место се најдоа акциите на Охридска банка (25,92%).

Од друга страна, најголем пад забележаа акциите на Струмица Табак (25%), а зад нив се оние на Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп (10,34%) и на Фрустеларко Борец од Битола (4,17%).

Пазарната капитализација во јануари се позиционираше на 121.318.538.735 денари, што е скок од 4,85% во однос на претходниот месец. Кај прометот (278.911.942 денари) има пад од 9,98% во јануари во однос на декември лани. Пораст од 27,75% има кај бројот на трансакции, коишто во јануари достигнаа 1.358. индексот МБИ 10 се позиционираше на 2.230,32 поени, што е за 4,47% повеќе во однос на декември 2016 година.