Намален бројот на поплаки од потрошувачите за небезбедна храна

17

Потрошувачите помалу се жалат на небезбедна храна, а државата активно работи на зајакнување на капацитетите за превенција, контрола и проценка на ризици во овој сегмент, пишува Миа.

Ова го истакнаа учесниците на конститутивната седница на Националниот совет за безбедност на храна и храна за животни, којшто се формира на иницијатива на Агенцијата за храна и ветеринарство согласно европските искуства.

Во Советот членуваат 19 релевантни институции, експерти и претставници на невладиниот сектор, а неговото формирање, освен научната фела, го поздрави и бизнис заедницата.

“Советот ќе се фокусира на секој дел од безбедноста на храната и актуелните проблеми. Ќе работи на предизвиците за да се отстранат сите евентуални ризици. Целта е нивна проценка, анализа и менаџирање“, изјави директорот на АХВ и претседавач со Советот Зоран Поповски и додаде дека ова е можност, научната фела и надлежните институции да дадат максимален придонес за заштита на луѓето преку безбедноста на храната.

Националниот совет за безбедност на храна и храна за животни ќе се состанува четири пати годишно, а доколку има потреба и повеќе. Како што подвлече директорот на АХВ Поповски, ваков модел веќе функционира во Европа од 2002 година.