Намалена каматата на новоодбрените кредити на компаниите во декември

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, овој месец, е пониска за 0,24 процентни поени (п.п.) на месечно ниво и изнесува 3,42%, покажуваат податоците на Народна банка.

Надолната промена целосно се должи на падот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,36 п.п.), додека каматните стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити со валутна клаузула бележат раст (за 0,27 п.п. и 0,12 п.п., соодветно). На годишна основа, оваа каматна стапка бележи пад од 0,38 п.п.

Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во декември, бележи месечен раст од 0,03 п.п. и изнесува 1,22%. Растот произлегува од повисоките каматни стапки на депозитите во странска валута и денарските депозити без валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,04 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула се намалени (за 0,04 п.п.). Во споредба со истиот период претходната година, кај оваа каматна стапка е забележан пад од 0,31 п.п.

Во декември, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е пониска за 0,43 п.п. на месечно ниво и изнесува 0,38%. Надолната промена целосно се должи на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,58 п.п.), во услови на непроменети каматни стапки на денарските депозити со валутна клаузула и раст кај каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,54 п.п.). Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,73 п.п. на годишно ниво.

Во декември 2020 година, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,03 п.п. на месечна основа и изнесува 5,46%. Притоа, падот е резултат на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.), каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 п.п., соодветно). Просечната каматна стапка на вкупните кредити на домаќинствата, во споредба со декември 2019 година, е намалена за 0,24 п.п.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, во декември, оствари месечно намалување од 0,13 п.п. и се сведе на 4,38%. Анализирано според валутната структура, месечната промена се објаснува со падот кај сите компоненти: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,33 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,17 и 0,02 п.п., соодветно). На годишно ниво, оваа каматна стапка бележи намалување за 0,33 п.п.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата, овој месец, е пониска за 0,02 п.п. на месечна основа и изнесува 0,92%. Надолната промена се должи на падот на каматните стапки кај сите компоненти, и тоа: денарските депозити со и без валутна клаузула (за 0,16 п.п. и 0,03 п.п., соодветно) и депозитите во странска валута (за 0,02 п.п.). Анализирано на годишно ниво, каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата е намалена за 0,31 п.п.

Во декември, кај каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата , е забележан месечен раст од 0,02 п.п. и изнесува 0,85%. Месечниот раст се должи на зголемените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,06 п.п.), додека каматните стапки на депозитите во странска валута бележат минимален пад (за 0,01 п.п.). Истовремено, каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула овој месец изнесува 1,50%, за разлика од претходните три месеци кога банките и штедилниците не примиле депозити од овој вид. Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата, во споредба со истиот период претходната година, бележи намалување на 0,32 п.п.

Фото: Freepik