Намалена потрошувачка на минерални ѓубрива во ЕУ

66

Потрошувачката на минерални ѓубрива (азот и фосфор) во земјоделското производство во Европската унија била 10,9 милиони тони во 2021 година, покажуваат податоците на Канцеларијата за статистика на ЕУ (Евростат).

Ова, според извештајот на Евростат, е еквивалентно на годишен пад од 2,2 отсто во однос на 2020 година и кумулативен пад од 6,4 отсто во однос на релативниот врв во 2017 година.

Потрошувачката на азотни ѓубрива во земјоделството се проценува на 9,8 милиони тони во ЕУ во 2021 година. Од Евростат посочуваат дека ова претставува намалување од два отсто во однос на претходната година, што е стапка слична на краткорочниот тренд забележан од 2017 година.

Сепак, како што додаваат, на среден рок вкупната потрошувачка на азотни ѓубрива се вратила на ниво слично на она од претходната деценија.

Потрошувачката на азотни ѓубрива во земјоделството во 2021 година беше најголема во земјите кои исто така се меѓу главните земјоделски производители во ЕУ. Франција (два милиони тони), Германија (1,3 милиони тони), Полска (еден милион тони, податоци за 2020 година) и Шпанија (еден милион тони) заедно сочинуваат половина од вкупната потрошувачка на ЕУ.

Во 2021 година, потрошувачката на фосфорни ѓубрива во земјоделството изнесуваше 1,1 милион тони. Ова претставува пад од 3,8 проценти од нивото во 2020 година, што беше слично на просекот во претходната деценија.

Земјите со најголема потрошувачка на ѓубрива на база на фосфор во земјоделството во 2021 година се Франција, Шпанија, Полска, Романија, Италија и Германија. Нивната потрошувачка изнесува речиси три четвртини од вкупната потрошувачка на ЕУ.