Трошоците на живот во август оваа година, во однос на претходниот месец, се намалени за 0,1%, а кај цените на мало има зголемување од 0,4%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Намалувањето на трошоците на животот од 0,1% во август 2016 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на замрзнатото овошје за 2,9%, свежото и разладеното овошје за 2,5%, оризот за 2,4%, брашното и другите житарки и компирот за 1,7%, другите прехранбени производи за 0,7%, сувото овошје и јаткастите производи за 0,6%, сирењето и урдата за 0,5%, другите пекарски производи и другите преработки од месо за 0,4%, другите млечни производи за 0,3% и сушеното, соленото и чаденото месо за 0,2%.
Во август, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај централното греење за домаќинствата за 10,7%, течните горива за домаќинствата за 5,8%, течните горива и мазива за 3%, гасот за домаќинствата за 2%, информатичката опрема за 1,9%, средствата за лична хигиена и здравје за 1,3%, услугите за лична хигиена за 1,1%, резервните делови и опремата за сопствен превоз за 0,6%, обувките за 0,4% и средствата за чистење и одржување на станот за 0,2%.
Пораст на трошоците на животот во август 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај месото за 1%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9%, свежиот и разладен зеленчук освен компирот за 0,7%, млекото и безалкохолните пијалаци за 0,3% и замрзнатиот зеленчук и сушениот зеленчук за 0,2%.
Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 43,5%, болничките услуги за 3,5%, велосипедите за 0,7%, текстилот за домаќинствата за 0,6%, туристичките пакет аранжмани за 0,5%, малите електрични апарати за домаќинствата и алатите и опремата за куќа и градина за 0,3% и лековите, накитот и часовниците за 0,2%.
Трошоците на животот во август 2016 година, во споредба со август 2015 година, бележат намалување од 0,3%, а цените на мало бележат намалување од 0,2%.