Намалени трошоците на живот во јули

31

Трошоците на живот во јули оваа година, во однос на претходниот месец, се намалени за 0,3%, а кај цените на мало има зголемување од 0,1%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалување на трошоците на животот во јули 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладен зеленчук освен компирот за 8,2%, јајцата за 1%, сирењата за 0,8%, оризот, замрзнатата риба и млекото за 0,5%, компирот за 0,4%, другите пекарски производи, јогуртот и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,3%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај информатичката опрема за 2,3%, течните горива и мазива за домаќинствата за 1,5%, обувките и лековите за 1,2%, цврстите горива за домаќинствата за 0,8%, другите медицински производи за 0,7%, облеката и течните горива за домаќинствата за 0,6%, мебелот за домаќинствата за 0,3%, материјалите за одржување и поправки на станот и електричната енергија за домаќинствата за 0,2%.

Пораст на трошоците на животот во јули 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај другите прехранбени производи за 1,5%, другите преработки од риба и морски плодови за 0,9%, сувото овошје и јаткастите производи за 0,6%, свежото и разладеното овошје за 0,5%, сушеното, соленото и чаденото месо и сушениот зеленчук, друг конзервиран и преработен зеленчук за 0,4% и изнутриците за 0,3%.

Во јули, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 11,9%, услугите за сместување за 9,1%, туристичките пакет аранжмани за 4%, игрите и хобито за 3,5%, средствата за чистење и одржување на станот за 1,9%, гасот за домаќинствата за 1,5%, социјалната заштита за 1%, средствата за лична хигиена и здравје за 0,8%, услугите за лична хигиена за 0,7%, текстилот за домаќинствата, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 0,4%, големите и малите електрични апарати за домаќинствата за 0,3%.

Трошоците на животот и цените на мало во јули 2016 година, во споредба со јули 2015 година, бележат намалување од 0,3%.