Намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%: Дали е ова доволно за спречување на нов ценовен бран?

Владата прогласи 30-дневна кризна состојба. Меѓу првите одлуки намалување на ДДВ на горивата од 18 на 10% проценти, но премиерот Христијан Мицкоски не исклучува носење дополнителни мерки доколку се влоши ситуацијата со цената и снабдувањето со нафтените деривати. Сепак, уверува оти електроенергетската состојба во земјата е стабилна и нема да се дозволи нов ценовен шок. Според пресметките, заштедите на дневно ниво се над 200 илјади евра.

За разлика од Владата, дел од експертите со оценка дека како држава доцниме со реакциите и мерките. Според универзитетскиот професор и економски експерт, Бранислав Јовановиќ, Владата дефинитивно задоцни, цените веќе скокнаа и не само тоа, туку и ова што го донесе сега нема да спречи цените да продолжат да скокаат, туку само малку и привремено ќе ги ублажи поскапувањата.

-Дизелот пак ќе поскапи, за 3 денари, а тоа само ќе даде понатамошен потстрек да се зголемат сите останати цени. На нашите трговци не им треба многу за да ги зголемат цените, доволно е само некој да спомне поскапувања, и тие веднаш ќе ги кренат. Ова го видовме многу добро толку многу пати изминатите четири години, што е просто неверојатно како Владата не сака да преземе вистински мерки, вели Јовановиќ во разговор за „Локално“.

За разлика од одредени земји од Европа, Македонија не го ограничи точењето горива за странски државјани. Дали Владата сака да го полни Буџетот од „бензискиот и дизел-туризам“ или треба да размисли за превентивни мерки? За Јовановиќ, ова не е толку горлив проблем, затоа што горива сѐ уште има, ама сепак смета дека треба и ова да го направат. Не да забранат точење горива на странци, туку да се ограничи, за да се спречат злоупотреби.

Професорот потенцира дека единствената мерка која може да спречи раст на цените моментално е ако тие се замрзнат, како цените на нафтените деривати, цените на струјата, цените на транспортните услуги, и цените на основните прехранбени производи и тоа на еден месец, додека да се види што ќе биде со глобалните случувања.