Намалување на основната каматна стапка ќе ја намали на цената на кредитите на банките

275

Одлуката за натамошно монетарно олабавување, односно за намалување на основната каматна стапка, ја донесовме во услови на стабилни движења на девизниот пазар, умерена и стабилна динамика на инфлацијата, како и постојан раст на депозитите во банкарскиот систем. Очекуваме дека овој чекор ќе придонесе за намалување на цената на финансирање на домаќинствата и претпријатијата преку кредитите од банките, заради полесно надминување на кризата.

Ова го истакнува вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во интервју за Капитал.

“Досегашното искуство покажува дека деловните банки ги следат сигналите на Народната банка. Секако, не можеме да очекуваме инстантна реакција, односно вообичаено е потребно извесно време за да можат банките да ги направат соодветните приспособувања и во своите каматни стапки. Но, би напоменала дека финансискиот сектор е мошне важен посредник во успешното одржување на стабилноста на домашната економија во тековната криза и поттикнување на економскиот раст“, посочува Нацевска.

Во интервјуто, таа нагласува дека засега, и покрај неизвесноста од здравствената криза, тековите во економијата се стабилни, без поголеми отстапувања кај клучните макроекономски параметри во однос на очекувањата.

“Сведоци сме дека дојде до повторно влошување на епидемиолошката ситуација, што услови враќање на дел од рестриктивните мерки како во глобални рамки, така и кај нас. Сепак, треба да имаме предвид дека мерките и натаму се помалку рестриктивни од оние коишто беа преземени во вториот квартал од минатата година. Во  моментов, тешко е да се процени дали тие ќе предизвикаат поголема промена на нашите очекувања за економскиот раст. Секако дека сме свесни за непредвидливоста со којашто се соочуваме, бидејќи оваа криза по својата генеза е од неекономски карактер. Токму затоа правиме и алтернативни сценарија, во кои ја нагласуваме исклучително високата неизвесност околу ефектите од продолжената здравствена криза врз економијата“, вели вицегувернерката.

Во однос на прашањата за евентуално дополнително пролонгирање на корона-кризата, меѓу другото Нацевска нагласува дека централната банка има инструменти за дополнителна реакција доколку е потребно.

„Како и секоја друга централна банка располагаме со портфолио на инструменти преку коишто можеме да делуваме за да се обезбеди ликвидност во системот, како на пример репо-трансакциите, а на располагање ни е и макропрудентниот инструментариум за поцелно делување. Поволно е тоа што кај нас основата каматна стапка е сѐ уште позитивна, што остава простор за натамошно делување на Народната банка преку овој инструмент, доколку е потребно“, истакнува вицегувернерката.

Во интервјуто, таа напоменува дека одлуките што ги има донесено Народната банка за поддршка на економијата во справувањето со кризата засега даваат добри резултати, а состојбите будно се следат.