Напред розово 2016 за поддршка на болните од рак на дојка

18

borka

Со симболична прошетка и хуманитарна трка во рамките на кампањата Напред розово, повеќе од 1.000 граѓани во сабота ќе им дадат поддршка на болните од рак на дојка и на нивните семејства. Манифестацијата Напред розово 2016 се одржува по осми пат во организација на здружението Борка – За секој нов ден, со поддршка на амбасадата на САД во Македонија и компанијата Пелистерка.

Настанот ќе се одржи во сабота (1 октомври), во Градскиот парк во Скопје кај Школка, со почеток во 11 часот. Како што најавија организаторите на манифестацијата, заедно со симболичната прошетка за поддршка, годинава во рамките на Напред розово за првпат ќе се организира и хуманитарна трка. Трката ќе биде во должина од еден километар и на неа можат да се пријават сите граѓани, без оглед на возраста и полот.

Котизацијата за учество на прошетката и трката изнесува 350 денари со вклучена маичка со логото на манифестацијата, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението Борка во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, обезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението од цела Македонија.

Претседателката на здружението Борка – За секој нов ден и на Алијансата на пациентски организации во Македонија, Биба Додева, истакна дека со кампањата Напред розово им даваат поддршка на сите кои се борат со рак на дојка и воедно ја подигаат свесноста за оваа болест во Македонија.

“Не смееме да ги отфрлиме нашите граѓани кои се борат со оваа тешка болест, бидејќи ракот на дојка може да биде излекуван. Сметам дека треба да ѝ подадеме рака на секоја индивидуа, на секоја фамилија, затоа што оваа борба е наша, заедничка. Оваа кампања е продолжување на нашите активности кои заедно со Алијансата на пациентски организации ја започнавме со прогласувањето на Годината на ракот во Македонија со цел имплементирање на Национален план за контрола на ракот и формирање на посебен фонд за достапност за современа терапија и третман во нашата земја, со што би се намалила смртноста од малигните заболувања”, рече Додева.

Пред трката и прошетката ќе има организиран зумба час за загревање, а по нивното завршување за сите учесници ќе има лотарија со награди од различни компании – поддржувачи на настанот, како и забава со диџеи. Пријавувањето за прошетката и трката се одвива на штандовите на Борка поставени на неколку локации низ Скопје, како и по електронски пат преку веб-страницата https://www.smartrace.club/.

Тања Панделеска, маркетинг-директорка на Пелистерка, истакна дека бројките на заболени од рак на дојка во земјава се загрижувачки.

“Токму затоа Пелистерка се приклучува на исклучителните напори кои членките на Борка ги прават за рана дијагноза како основен предуслов за победата над ракот на дојката, бидејќи успешноста на една компанија најмногу може да се мери преку нејзината општествена одговорност. Горди сме што во сабота ќе се собереме за една хумана цел, а за заеднички бенефит и поддршка на сите кои во својот живот се сретнале со оваа болест, лично или преку блиски луѓе во нашиот живот”, рече Панделеска.

Лора Браун, одговорна за односи со јавност во амбасадата на САД во Македонија, истакна дека американската амбасада со гордост ја поддржува оваа кампања и им изразува поддршка на луѓето болни од рак на дојка.

“Прошетката Напред розово е значаен настан кој ги сплотува заедно луѓето од целата земја во солидарност против оваа страшна болест. Се радуваме што во сабота ќе им се придружиме на оние што се борат со ракот или поддржуваат некој член на семејството којшто се бори со оваа болест. Се надеваме дека ќе ни се придружат уште многу повеќе граѓани”, рече Браун.

Ракот на дојка е најчестиот тип дијагностициран рак кај жените во светот, а по смртноста овој вид карцином е на прво место во светот и во Македонија. Минатата година во земјава се откриени околу 1.200 нови случаи на рак на дојка или просечно по 3-4 жени дневно. Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9% во последните 15 години. Според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа.