Народна банка: Депозитите се сигурни

117

Депозитите се сигурни. Прогласувањето на вонредна состојба не подразбира промени во процесот на банкарското работење. Заштедите и во вакви околности се најбезбедни во банките и штедилниците и го имаат истиот статус како пред прогласувањето на вонредната состојба, велат од Народна банка.

Дополнително, од банката напоменуваат дека и во вонредна состојба, за депозитите се пресметува и добива камата, во согласност со договорот којшто клиентот го има со банката/штедилница, како што важат и сите други договорни одредби.

“Оттука, не постои простор за загриженост – како што веќе укажавме, и во периодот на вонредната состојба, депозитите ќе им бидат достапни на граѓаните и фирмите, како и претходно. Потсетуваме дека и сите други услуги коишто ги нудат банките и штедилниците, на граѓаните и фирмите ќе им бидат достапни дури трае вонредната состојба. Работата на финансиските институции за коишто Народната банка е надлежен регулаторен и супервизорски орган го задржува својот континуитет и во овие привремено променети околности. Истовремено, информираме дека платниот промет се одвива непречено“, велат од Народна банка.

Уште еднаш потсетуваат дека користењето на готовината во овој период е опасно по здравјето и апелираме плаќањата да се вршат со платежни картички и/или преку сервисите за електронско и мобилно банкарство.

Фото: Pexels