Наставници ќе се обучуваат како да предаваат претприемништво

24

Околу 150 наставници од средните училишта кои предаваат предмети поврзани со претприемништвото, денес ја започнаа обуката на тема Како се предава претприемништво? организирана од Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет.

На наставниците ќе им се пренесат најновите трендови за предавање на предметите поврзани со претприемништво за да можат тоа да го пренесат на учениците во средните училишта.

Oбуката има за цел промовирање на претприемничкиот дух, развивање на креативноста и иницијативноста кај младата популација.

Предавач на обуката ќе биде експертот Енди Пеналуна од Свонси Универзитетот од Велс, воедно и претседател на мрежата за претприемачко образование на Обединетото Кралство.

“Во наредниве неколклу денови директно ќе се реализира фокус обука, а во текот на целата година континуирано ќе се следи целиот процес на имплементација на иновациите кои ќе бидат дел од процесот за развој на претприемништвото генерално”, порача министерот за образование и наука Спиро Ристовски во своето обраќање пред почетокот на обуката.

Како што прецизираше министерот, целта на денешниот настан е заедно со наставниците да се изанализираат досегашните постигнувања и очекувања и насоките за следниот период.

“Основната идеја е да овозможиме со нашата основна алатка – наставниците да искреираме општество или опкружување кое ќе биде подготвено да ги прифати генијалните идеи, иновациите и претприемништвото како процес на развојот на креативниот дух кај децата, а со тоа да се овозможи и креативен развој на целокупното општество”, рече Ристовски.

Експертот Пеналуна нагласи дека тренингот е огромен предизвик за него, бидејќи значи менување на начинот на мислење, а не само добивање на знаење.

“Знаењето е многу битно за предизвиците со кои се соочуваме во време на индустријализацијата. Но, сепак денеска вештините се менуваат и бараат нови начини знаењето да им помогне на заедницата и општеството”, рече тој.

Проф. Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет посочи дека новите генрации се повеќе имаат осет за претприемништво.

“Од година на година се повеќе се забележува нагорен тренд во збогатувањето на мислата и начинот на размислување и во проактивноста кај младите генерации”, нагласи Поленаковиќ.