Натпреварот за роботика RoboMac 2015 почнува утре

20

RoboMac_Logo

Шестиот семинар и натпревар за роботика RoboMac 2015, почнува утре, 09.06.2015, вторник. Отворањето ќе се случи во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје со почеток во 11 часот.

На отворањето ќе говорат претставник од Ректоратот на УКИМ, проф. д-р Миле Станковски, декан на ФЕИТ, проф. д-р Љупчо Караџинов, претседател на Македонската секција на ИЕЕЕ и претставник на организациониот одбор на RoboMac.

Финалето на RoboMac 2015 година ќе се одржи на 13.06.2015 година во Македонската опера и балет (МОБ) во 18 часот. Во МОБ ќе бидат прогласени победниците во категориите: Сумо (два робота се борат помеѓу себе со цел едниот да биде исфрлен од рингот), Роботска рака (да се истакнат прецизноста, брзината и стабилноста на роботската рака која ги симулира движењата на човековата рака), Хуманоид (се оценува комплексноста на изведената точка), Трка (роботи кои следат линија ќе се тркаат на патека), Right Target (роботите поминуваат по одредена шема пребарувајќи го точниот распоред на балони кои треба да ги дупнат по однапред зададен редослед), AI and PI (интелигентни агенти, програмирани на платформа Raspberry PI, ќе се натпреваруваат меѓу себе во логичкa игрa).

Манифестацијата RoboMac 2015 година се одржува со цел да се популаризира роботиката меѓу студентите од Македонија и во Европа. RoboMac овоможува практична работа на студентите во областа на роботиката, размена на знаења и искуства и приближување на роботиката меѓу средношколската популација.

Учесниците на семинарот ќе присуствуваат на предавања и во мешани тимови, ќе ги склопуваат своите роботи, ќе ја развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за финалниот натпревар.