Научна конференција Зелен развој, инфаструктура и технологија: Заштитата од загадување – обврска на идните генерации

29

GREDIT 1

Загадувањето на воздухот, водата и почвата, обновливата енергија, менаџментот со урбаниот и индустрискиот отпад, климатските промени, здравствените аспекти на загадувањето на животната средина, агроекологија и менаџирањето со еколошки ризици се теми на кои околу двесте научници од 13 држави дебатираат на дводневната меѓународна конференција за животна средина ГРЕДИТ 2016 – Зелен развој, инфраструктура и технологија, која се организира во Скопје.

„Обезбедувањето храна, засолниште и  задоволување на основните дневни потреби за повеќе од седум милиони луѓе претставува тежок товар за природните ресурси низ светот. Заштитата и превенцијата од загадување, како и користењето природни ресурси без нивно целосно трошење, е обврска на идните генерации. Токму затоа, наша одговорност е да посветиме посебно внимание во планирањето и менаџирањето при употребата на природните ресурси на тој начин што ќе придонесеме за подобар и поквалитетен животен стандард за идните генерации“, порача Џанер Занбак, претставник на Балканската асоцијација за животна средина (БЕНА).

Градот Скопје, следејќи ги тековите на животот и новонастанатите состојби, активно работи на намалување и на адаптирање на климатските промени, на донесување Стратегија за климатски промени и реализација на нејзиниот Акционен план, како и на зголемување на урбаната отпорност на природните и технолошките катастрофи, рече градоначалникот Коце Трајановски.

„Градот Скопје посебно презема активности за подигање на јавната свест со реализирање еколошки конкурси, организирање манифестации и соработка со невладиниот сектор, а во своето работење се труди да обезбеди максимална транспарентност и да ја вклучи заинтересираната јавност во носењето одлуки“, рече Трајановски.

Според него, генератор на воспоставувањето и развојот на системот за управување со животната средина, покрај законската основа и утврдените надлежности, „се и идеите, креативноста и посветеноста на работата на луѓето вработени во секторите што работат во сферата на заштитата на животната средина, заради што сум длабоко уверен дека Градот Скопје ќе успее да ги приведе кон успешен крај обемните актуелни активности и да ги реши своите два најголеми еколошки предизвици: справување со загадувањето на воздухот со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ 2,5) и изградба на пречистителна станица за отпадни води на град Скопје“.

Професор Даме Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје, наведува дека станува збор за најголема научна конференција посветена на животната средина во Македонија и пошироко.

„На конферецијата свои научни трудови пријавија 543 научници од 13 земји од Европа. Оваа конференција е најголемата научна конференција посветена на животната средина во Република Македонија и пошироко“, вели Димитровски.

Организатори на конференцијата се Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Машинскиот факултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Технолошко-металуршкиот факултет, Медицинскиот факултет, БЕНА – Балканската асоцијација за животна средина во која членуваат преку 200 универзитети од Европа, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, ПАКОМАК од Скопје, Центарот ФУЕЛ и 6та Ѕвезда.