НБ: Инфлација од 0,9% во периодот јануари – септември

27

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите десет месеци од годината изнесува 0,9%, при очекувана инфлација од 1% за оваа година и урамнотежени ризици. Ова, меѓу другото, беше истакнато на седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на којашто беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Ниската и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, од почетокот на годината, постојано придонесуваат за интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања. Во вакви услови, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2,25% и на аукцијата на благајнички записи на 13 ноември 2019 година да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари, односно ист износ како износот што достасува.

Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, по растот на економијата од 3,6% во првата половина на годината, високофреквентните податоци за економската активност расположливи за третиот квартал главно упатуваат на натамошен раст на економската активност, при поповолни поместувања во индустријата, трговијата и градежништвото.

Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а податоците расположливи досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за октомври покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа, согласно со очекуваната патека во рамки на октомвриските проекции.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на домашните деловни банки се задржа на релативно стабилно и високо ниво, поради што тие и натаму имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Вишокот слободни денарски парични средства и натаму го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции.

На девизниот пазар движењата се одликуваа со умерено пониска понуда на девизи, којашто произлегуваше главно од корпоративниот сектор и придонесе банките, по пауза од три месеци, во октомври повторно на нето-основа да продаваат девизи за нивните клиенти. Ваквата нето-позиција на банките во трансакциите со нивните клиенти услови понизок месечен обем на интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи од пазарот.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. Сепак, повторно беа нагласени неповолните ризици од надворешното окружување, како и ризиците од домашниот контекст. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Фото: Pixabay