НБ очекува банките ланската добивка да ја искористат за зголемување на капиталот и потенцијалот

31

Во рамки на интензивната комуникација со банките во овој период во врска со нивната подготвеност за справувањето со потенцијалните негативни последици од вирусот ковид-19, Народната банка им укажа дека очекува како и досега, тие да покажат високо ниво на прудентност, вклучително и при носењето на одлуките за распределба на добивката остварена минатата година. Притоа, нивните надзорни и управни одбори се известени дека како надлежен регулаторен и супервизорски орган од Народна банка очекуваат добивката остварена во измината година да се стави во функција на натамошно зголемување на капиталот и финансискиот потенцијал на банките и над минималните законски и супервизорски барања, односно за градење дополнителен простор над нив.

Како што им е укажано, банките треба да се подготвени да обезбедат поддршка на редовното работење на граѓаните и фирмите коишто се нивни клиенти, задоволување на квалитетната кредитна побарувачка, при истовремено покривање на евентуалните кредитни загуби како последица на ефектите на вирусот Ковид-19 врз домаќинствата и правните лица.

Високото ниво на прудентност при носењето на одлуките за распределба на добивката ќе придонесе за натамошно успешно одржување на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор, а со тоа и за одржување на финансиската стабилност.

Фото: Pixabay