НБ: Раст на ликвидноста на банките во третиот квартал

26

Во овој квартал, ликвидноста на банките забележа раст, а сите показатели се на задоволително ниво, меѓу другото, беше истакнато на редовната седница на Советот на Народната банка.

Притоа, беше утврдено дека банкарскиот систем ја задржа својата стабилност.

Како што беше истакнато на седницата, третото тримесечје од оваа година, меѓу другото, беше одбележано од солидниот раст на депозитите, додека на кредитниот пазар продолжи растот на кредитите одобрени на секторот домаќинства.

Показателите за солвентноста на банкарскиот систем и натаму се на солидно ниво. Според податоците во усвоениот извештај, на крајот на септември оваа година, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,9%.

Во третиот квартал, учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиските субјекти се намали за 0,5 процентни поени и се сведе до нивото од 5%. Промените во регулативата за управување со кредитниот ризик имаа делумен придонес за подобрување на показателите за нивото на остварување на кредитниот ризик. Заклучно со третиот квартал, стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви на банкарскиот систем изнесуваа 1,5% и 13,5%, соодветно. Во однос на истиот период од минатата година тие се пониски, но главно како одраз на исцрпувањето на ефектите од настаните со еднократен карактер од март 2018 година, коишто предизвикаа висок раст на добивката минатата година.

Советот ја донесе и Програмата за работа на Народната банка за 2020 година. Покрај остварувањето на редовните задачи, во неа, за следната година се испланирани и поголем број проекти коишто ќе придонесуваат за унапредување на извршувањето на функциите и ефикасно постигнување на стратегиските цели на централната банка.