НБРМ: 11,7% нефункционални кредити на крајот на третиот квартал

11

Годишниот раст на нефункционалните кредити во вкупните кредити во споредба со септември минатата година е за 0,6 процентни поени, сведувајќи се на 11,7% на крајот на третиот квартал од 2015 година, се вели во Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во третиот квартал.

“Најголем придонес во порастот на нефункционалните кредити имаа дејностите ’градежништво и дејности во врска со недвижен имот’ и ’трговија на големо и мало’, додека секторот ’индустрија’ придонесе за намалување“, се вели во извештајот на НБРМ.

Кај домаќинствата, стапката на нефункционални кредити и натаму се намалува, главно поради забрзаниот кредитен раст на ниво на сектор. Сепак, како што се наведува, воочени се сигнали за можни растечки ризици од секторот “домаќинства“ поради продолжениот забрзан раст на потрошувачките кредити, при олеснети услови за кредитирање.

Побрзиот раст на кредитите, како што стои во извештајот, во споредба со депозитите во третиот квартал од 2015 година, предизвика минимално намалување на ликвидните средства на ниво на банкарскиот систем.

Солвентноста на банкарскиот систем е висока. Во третиот квартал од 2015 година, дојде до минимално намалување на стапката на адекватноста на капиталот, но таа и понатаму е двојно повисока од законскиот минимум од 8% и изнесува 16,1%. Дополнителен фактор за силната солвентност на македонскиот банкарски систем е високиот квалитет на сопствените средства, од кои само една половина е “искористена“ за регулаторното покривање на ризиците. Профитабилноста на банкарскиот систем и натаму зајакнува, при што добивката остварена во првите девет месеци од 2015 година е значително поголема од добивката остварена во истиот период од 2013 и 2014 година. Причина за зголемената добивка е растот на нето каматниот приход, како резултат на побрзиот пад на каматните расходи во однос на падот на каматните приходи, како и растот на другите редовни приходи.