НБРМ: Банките го поддржуваат растот преку поголема кредитна активност

10

Банките продолжија да го поддржуваат економскиот раст преку натамошно зголемување на кредитната активност, којашто на крајот на март е над очекувањата со октомвриската проекција, стои во кварталниот извештај на Народната банка на Македонија.

“Анкетните согледувања покажуваат позитивни поместувања и на страната на понудата и на страната на побарувачката на кредити со што и двата фактора што го движат кредитниот пазар придонесуваат кон стимулирање на кредитниот раст“, се вели во извештајот.

Движењата на девизниот пазар во првиот квартал беа стабилни, при што НБРМ реализираше нето-откуп на девизни средства. Сепак, девизните резерви забележаа пад на квартална основа, што во најголем дел се должи на предвремената отплата на кредитот од ММФ, користен во рамки на Кредитната линија за претпазливост. Доколку се исклучи овој ефект, падот на девизните резерви е поумерен и е во согласност со октомвриската проекција.

Показателите за адекватност на резервите и натаму укажуваа на соодветно ниво на девизни резерви за справување со евентуалните шокови.

Глобалното окружување не претрпе позначајни промени во однос на последните оцени. Така, ризиците околу идните движења во домашната економија и во овој период беа оценети дека се главно од надворешна природа, поврзани со неизвесноста околу динамиката на глобалниот раст и промените во цените на примарните производи, иако за евро зоната се ублажени со последната поддршка од монетарната политика на ЕЦБ.

Во вакви услови на натамошно задржување солиден економски и кредитен раст, коишто не создаваат нерамнотежи преку инфлациски притисоци или притисоци врз девизните резерви, а при сѐ уште присутни надворешни ризици, досегашното монетарно олабавување беше оценето како доволно. Воедно, беше оценето дека излегувањето на НБРМ од зоната на приспособлива монетарна политика ќе биде условено од трендовите во надворешниот сектор.