НБРМ: Банките ја засилија кредитната поддршка на приватниот сектор во последниот квартал

15

Банкарскиот сектор ја засили кредитната поддршка на приватниот сектор во последниот квартал од 2015 година, покажува кварталниот извештај на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Кварталната стапка на раст на вкупните кредити на приватниот сектор изнесува 4,2% на крајот на декември, во споредба со стапката од 1,2% остварена во септември“, стои во кварталниот извештај на НБРМ.

Во услови на солидна солвентна и ликвидносна позиција на банките, а при поволни поместувања во реалниот сектор на економијата, во последниот квартал, како што се наведува, се забележува натамошно олабавување на кредитните услови.

“Склоноста за задолжување и натаму расте, што се согледува преку постојаното зголемување на побарувачката за кредити. Од секторски аспект, кредитните текови во последното тримесечје во најголем дел се последица на зголеменото кредитирање на претпријатијата“, се вели во извештајот.

Претпријатијата придонесоа со 74% во вкупниот квартален прираст, што е промена во однос на претходните три квартали кога главен носител на растот претставуваа кредитите на домаќинствата.

Во однос на сомнителните и спорните побарувања, во последниот квартал од 2015 година се забележува подобрување на квалитетот на кредитното портфолио на банките и кај двата сектора – домаќинствата и претпријатијата.

“Учеството на сомнителните и спорните кредити во вкупните кредити е 10,6% и бележи намалување за 0,8 процентни поени во споредба со септември“, стои подолу во соопштението.