НБРМ го проширува опфатот на валутите

39

Народна банка на Република Македонија го проширува опфатот на валутите за кои ќе се објавува курсот на денарот со додавање нови валути чии курсеви се објавени на веб страницата на Европската централна банка.
Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите ја донесе Советот на НБРМ имајќи ја предвид стратешката определба на Република Македонија за приклучување кон ЕУ.
На денешната седница е ревидирана и подзаконската регулатива во однос на поставеноста на пазарот на странски платежни средства, поточно во рамки на Одлуката за начинот и условите за купување и продавање странски платежни средства се дефинираат основните карактеристики на купопродажбата на странски платежни средства и подетално се регулираат аспектите на меѓубанкарскиот девизен пазар и интервенциите на Народната банка на девизниот пазар. Воедно, со цел да се опфатат банките коишто го сочинуваат јадрото на девизниот пазар, поставени се условите за избор на банка-поддржувач. Исто така, за разлика од тековната регулатива која предвидуваше тргувањето на девизниот пазар да се врши само со десет валути, со новата одлука се овозможува склучување трансакции со странски платежни средства коишто гласат во валути од Курсната листа на Народната банка, којашто е проширена со додавање на сите валути објавени од страна на Европската централна банка.
Советот на денешната седница ја донесе и Одлуката за проверка на автентичноста и соодветноста, условите и начинот на враќање на книжните и кованите пари во оптек. Донесувањето на оваа одлука претпоставува пропишување, воспоставување и унифицирање на стандардите и критериумите за квалитет на парите во оптек, одредување на начинот на проверка на нивната автентичност, како и пропишување универзални критериуми за класификација на соодветни и несоодветни пари за оптек при нивната машинска и рачна обработка. Одлуката претставува и дел од Проектот за усогласување, приближување и хармонизирање на националното со европското законодавство и постепено воведување на европските критериуми и стандарди за квалитет за обработка на парите.