НБРМ ја организира Осмата конференција за платните системи и системите за порамнување хартии од вредност

11

Народната банка на Македонија (НБРМ) во соработка со централните банки на Холандија и Португалија ја организира Осмата конференција за платните системи и системите за порамнување хартии од вредност, што ќе се одржи во Охрид.

Воведно обраќање на Конференцијата ќе има вицегувернерката на Народната банка, Маја Кадиевска -Војновиќ, задолжена за Секторот за операции на финансиските пазари и платните системи.

Конференцијата има меѓународен карактер и во неа ќе земат учество претставници од централни банки на Албанија, Белорусија, Бугарија, Египет, Ерменија, Косово, Полска, Словачка, Турција, Хрватска и Црна Гора, институцијата УНКТАД за трговија и развој при Обединетите Нации со седиште во Швајцарија, финансиските институции Комерцбанк (Commerzbank) од Германија и Акјуити (Accuity) од Велика Британија, како и претставници од деловните банки, регулаторите на инфраструктурата на финансиските пазари и останатите финансиски и нефинансиски институции во Република Македонија.

Континуираниот развој на технологијата има ефект врз банкарската индустрија во поглед на начините на обезбедување на платните услуги. Новата дигитална ера ги поттикнува банките да преминат од универзален кон специјалистички модел на обезбедување на платни услуги, односно да креираат поспецифични платежни услуги од оние на нивните конкуренти од небанкарска сфера или да влегуваат во партнерства со иновативни обезбедувачи на платежни услуги од небанкарската индустрија.

Овој процес треба да се пренесе и на нивните клиенти, особено физичките лица и малите и средните претпријатија, коишто не се повеќе пасивни корисници на платежните услуги, туку технолошкиот развој им овозможува директна интеракција со банките и споредување на нивните понуди, како и активно користење на можностите кои ги нуди електронската трговија. Сите овие предизвици и можности кои произлегуваат од дигитализацијата на платежните текови и иновациите ќе бидат дискутирани во текот на Конференцијата.

Дополнително, Конференцијата ќе опфати теми преку кои предавачите ќе се осврнат на интегративните процеси во сферата на плаќањата во Европската Унија и тековниот развој на проектот за Единствената европска платежна област – СЕПА, трендовите кај системите за порамнување хартии од вредност, а особено реализацијата на проектот ТАРГЕТ2 за хартии од вредност, како и финансиската вклученост и достапност на платежните услуги до физичките и правните лица.

Имајќи ги предвид темите коишто ќе бидат дискутирани и обработени на Конференцијата, нивното значење во услови на рапиден развој на технологијата и нејзиниот иновативен ефект врз начините на плаќања, кои се рефлектираат брзо врз трендовите на развој на платежната инфраструктура во Република Македонија, очекувањата се дека истата ќе придонесе кон подигнување на капацитетите во сферата на платните системи и услуги, а се со цел за идна интеграција на Република Македонија во Европската Унија.