НБРМ: Каматната стапка на благајничките записи останува 3%

17

На 10 април 2018 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка во март, како одраз на здравите економски основи, а при понатамошно стабилизирање на довербата на економските субјекти, на оваа седница на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане иста и да изнесува 3%. На седницата се одлучи понудата на благајнички записи исто така да остане на нивото од 25.000 милиони денари.

На седницата беше констатирано дека споредбата на последните макроекономски показатели за македонската економија со нивната проектирана динамика не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Согласно со објавените проценети податоци, реалната стапка на промена на БДП во 2017 година изнесува 0%, што не претставува значително отстапување во однос на проектираната стапка од 0,5%. Тековно расположливите високофреквентни податоци за првото тримесечје од 2018 година даваат различни сигнали. Сепак, согласно со очекувањата, тие главно упатуваат на поповолни поместувања во економијата во првиот квартал, во споредба со претходното тримесечје. Во однос на промените кај потрошувачките цени, расположливите податоци за март 2018 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво во првиот квартал од годината од 1,5%, при раст на сите компоненти, а со најголем придонес на храната и базичната инфлација. Досегашните остварувања на инфлацијата се пониски во однос на октомвриската проекција, но истовремено се направени нагорни корекции кај очекуваното движење на странската ефективна инфлација и на светските цени на нафтата и житните култури за 2018 година. Во вакви околности, ризиците во однос на проекцијата за 2018 година од 2% се оценуваат како врамнотежени.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките умерено се зголеми, за што најголем придонес имаа интервенциите на Народната банка на девизниот пазар во противвредност од 15,5 милиони евра. Имено, во март беа забележани нето девизни приливи поврзани со промените на сопственичката структура на неколку домашни субјекти. Поради ваквите движења, во комбинација со сезонски зголемената понуда на девизи од менувачници околу велигденските празници, банките имаа ниска нето-продажба на девизи во трансакциите со сите клиенти, наспроти сезонскиот раст на нето-продажбата карактеристичен за овој месец од годината. Со тоа, продолжуваат поволните движења на девизниот пазар оваа година. Така, во првиот квартал, банките остварија нето-продажба на девизи во трансакциите со клиенти од 34,6 милиони евра, којашто е пониска за 90,6 милиони евра во однос на истиот период од 2017 година, во услови на трикратно повисок раст на понудата во споредба со зголемувањето на побарувачката за девизи. Поволните пазарни движења придонесоа и за релативно висока девизна ликвидност на банките.

Со зголемувањето на ликвидноста од автономните фактори, се зголеми и потенцијалната денарска ликвидност во банкарскиот систем. Банките го пласираат вишокот ликвидни средства во краткорочните расположливи депозити преку ноќ кај Народната банка, кон крајот на периодот на задолжителната резерва.

Од друга страна, банките коишто се соочија со краткорочни недостатоци на ликвидност ги обезбедија потребните средства на меѓубанкарскиот пазар, каде што непосредно по намалувањето на каматните стапки на монетарните инструменти, беше забележано умерено надолно прилагодување и на каматните стапки на меѓубанкарските заеми.

Поместувањата кај девизните резерви од почетокот на годината се однесуваат на нивно зголемување, при што показателите на нивната адекватност покажуваат дека тие и понатаму се наоѓаат во сигурната зона. Растот на резервите во текот на првиот квартал од годината во најголем дел е резултат на издавањето на шестата државна еврообврзница на меѓународните финансиски пазари. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, нивниот број засега е недоволен за извлекување посигурни констатации во овој домен. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на март укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери во рамки на очекувањата за првиот квартал.

Во однос на монетарните движења, конечните податоци заклучно со февруари покажуваат закрепнување на депозитната база, по нејзиниот пад во првиот месец од годината. Растот на депозитите во овој месец, во голема мера, е последица на повисокото штедење на домаќинствата, но раст забележаа и корпоративните депозити. Мали позитивни поместувања на месечна основа во февруари се забележуваат и на кредитниот пазар, коишто во услови на натамошен пад на кредитите на претпријатијата, во целост, произлегуваат од зголеменото кредитирање на домаќинствата. Депозитните и кредитните текови во првите два месеца од 2018 година се малку послаби од очекуваните, но имајќи ги предвид подобрите остварувања на крајот на претходната година, нивото на депозити и кредити не отстапува значително од проекциите за првиот квартал.

Во март, на меѓународните финансиски пазари имаше променливи движења, при загриженост на инвеститорите од затегнувања на трговските односи на глобален план, поради најавените царински давачки од страна на претседателот на САД за селектирани увезени странски производи. Во такви услови, беше забележана надолна корекција на цените на акциите и намалување на приносите на државните обврзници и од двете страни на Атлантикот. На состанокот на ФЕД, во согласност со очекувањата, беше направено натамошно затегнување на монетарната политика, односно зголемување на таргетот за распонот на каматните стапки за 25 базични поени, на ниво од 1,5% до 1,75%.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени не упатуваат на позначителни отстапувања во однос на проектираната динамика, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија и надворешното окружување во контекст на поставеноста на монетарната политика.